
На „Ѕид на срамот“ од догодина ќе се објавуваат плагијатите од дипломските и магистерските трудови, најави министерката Јаневска.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска на брифинг со новинарите рече дека софтверот Плагијати.мк, е застарен, а во план е догодина да се воведе т.н. „ѕид на срамот“, на кој јавно ќе се објавуваат плагијатите од дипломски до магистерски трудови.

Со новиот Закон за високо образование, и по изборот во редовно звање, професорите по шест години повторно ќе мора да поминат низ изборна постапка, а дури потоа ќе стекнат трајно вработување. Ова е една од новините која ја најави министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешниот брифинг со новинарите. Законот ќе биде деновиве објавен на ЕНЕР. Јаневска најави и дека догодина ќе се заостри борбата против плагијаторството.
Софтверот Плагијати.мк, како што истакна, е застарен. Во план е воведување „ѕид на срамот“, на кој јавно ќе се објавуваат плагијатите од дипломски до магистерски трудови.
„И мене како професор би ми било срам да ставам потпис на нешто што не вреди“, искоментира Јаневска.
Таа посочи дека ќе има новини и кај студентското организирање. „Наместо досегашната пракса, кога изборите за факултетските студентски собранија ги распишуваше деканот, со новиот закон студентите самостојно ќе ги организираат изборите. Ако не успеат, тогаш ќе ги распишуваат деканите“, рече таа.
Во однос на инфраструктурата, министерката информираше дека новите објекти на Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство и Факултетот за физичка култура, кои се градат во близина на Ректоратот на УКИМ, ќе бидат поврзани со мост. Анализата за спојувањето ја изработиле професори од Градежниот, Архитектонскиот и Електротехничкиот факултет. Веќе е објавен тендер за репроектирање, а по завршување на проектот ќе следи тендер за фирма-изведувач.