
Јавна расправа за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик се одржа на 26 јануари во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје.
Проф. д-р. Елизабета Бандиловска, член на Советот за македонски јазик, во своето излагање ги нагласи причините за изработката на Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик.
Бандиловска истакна дека во практиката сѐ повеќе се забележува непочитувањето на законските мерки и негрижата за македонскиот јазик во различни сегменти и на различни нивоа од општествениот живот.
Таа информираше за неколку новини во Предлог-законот, меѓу кои е и формирање на Инспекторат за македонски јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, чија цел ќе биде дејствување на терен и подигнување на свеста за важноста од правилната употреба на македонскиот јазик.

Извор: Википедија
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, потсети дека во изминатиот период, се работело на усовршување на Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, откако процесот беше запрен во 2020 година, по Јавната дебата на која пристигнаа голем број забелешки кои темелно беа разгледани и вметнати во оваа верзија на Предлог-законот.
„Јазикот е нашиот темел, израз на нашиот идентитет. Затоа, секој стручен влог во донесување на правната рамка за негова употреба, чување на неговите посебности е драгоцен придонес за нас самите и за нашата државност“, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Ќе се изработува и Национална стратегија за македонскиот јазик, за што ќе биде вклучен Советот за македонски јазик и значајни високообразовни институции.
Министерството за образование и наука, во текот на академската година, ќе објавува конкурс за стипендирање студенти за изучување на македонскиот јазик во сите три циклуси на високото образование.
Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик го изготвија Министерството за култура и Советот за македонски јазик.