Гоце.мк ја имаше честа да поразговара со Александар Николовски, наш млад и надежен автор, кој веќе зад себе има неколку книги што одлично се прифатени кај мнозинството читатели ширум Македонија. Како ни протече муабетот и какви интересни одговори ни даде тој, прочитајте во продолжение.
Кој е Александар и од каде љубовта за пишување?
Александар е младо момче, по професија дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство, дополнително и професор по математика, а и мошне голем љубител на пишаниот збор, особено на оние замрсените и мистични приказни. Токму од ова третото можам да кажам дека се роди љубовта за пишување, и тоа многу рано некако, уште во основно училиште. Едноставно посакав да видам какво би било чувството да се читам самиот себеси, и верувајте не се опишува со зборови. Но, ете, искрено, не ни сонував дека еден ден ќе дојде и до ова, моите книги да се читани и коментирани од голем број читатели.
Како писател на повеќе книги, сепак се задржуваш на трилер и мистерија. Зошто?
Ќе бидам можеби малку нескромен со одговорот, но зошто би менувал нешто во што сосема солидно ,,пливам” засега. Друга причина сигурно е затоа што тоа се моите омилени жанрови отсекогаш, а и бидејќи единствено во трилерите и мистериите едноставно можете да си играте со ликовите и настаните како во никој друг тип книги. Умешноста на смислување драматични и непредвидливи приказни проследени со шокантни пресврти и краеви е нешто што ги обележува моите книги, а досега се покажа дека читателите баш го сакаат тоа. Затоа, во блиска иднина, не би менувал апсолутно ништо.
Колку е лесно да се напишат и издадат повеќе книги?
Па, вака кога на прва се вели да се напише и издаде, и не изгледа толку тешко. Само ви треба инспирација и време за пишување. Нели, кој ги има овие две работи ќе пишува и пишува и ќе напише, но тешкото тука е дали ќе успее секоја следна книга да биде подобра од претходната или барем да се задржи на исто ниво, е веќе голем знак прашање. А верувајте, ова е поважно. Читателите знаат да ви простат послаба книга, но не забораваат, колку и да звучи сурово.
Што би му препорачал на секој кој што се мисли дали да почне со пишување?
Како и за сè во животот, да верува во себе и да биде што е можно поупорен. Упорноста некогаш се исплати, некогаш не, но важно е да не се откажувате. Колку и да звучи како клише, ниту еден успех во животот не паѓа од небо, па кој мисли да го прави ова мора многу да работи на себеси и нормално, можеби најважното, да биде подготвен да слушне и негативни критики, бидејќи, и повеќе од сигурно е дека на сите нема да му се допадне неговото дело.
Дали има некои трикови кои треба да се знаат пред да се започне книга?
Според мене трикови апсолутно нема тука, ова не е магија. Пред да започнете да пишувате книга, најважно е да знаете што сакате да постигнете со приказната којашто планирате да ја пренесете. Исто така морате да имате и некоја си појдовна точка кога е во прашање дејството, ликовите и слично, затоа што ако започнете на слепо без некој ,,скелет” на делото, ќе заглавите со пишување максимум до 20-та страница. Од искуство, знам дека на крајот може да излезе сосема нешто поразлично од првичната замисла, но некогаш во тоа е и убавината – финално да добиете нешто што сте го до обликувале при самото пишување.
За која книга досега има најголем интерес и каде може да се набават твоите дела?
Интересот дефинитивно веќе години наназад е најголем за ,,Страв на вистината”, според бројот на изданија и потпишани примероци, но таа е една од моите први книги па можеби и логично е ова, но понекогаш зависи и од периодот. Ако книгата е нова, нормално дека таа најмногу ќе се бара. Моите книги не се достапни по книжарници, и засега можат да се нарачаат исклучиво преку мене, на мојот Facebook профил (https://www.facebook.com/aleksandar.nikolovski.315/ ).
Дали Александар работи на нешто ново и кога можеме да очекуваме следна книга?
Моментално не, но, инспирацијата е присутна и само си го чека моментот кога ќе започне да се пренесува во компјутер. Нема ни потреба од некое брзање, со оглед на тоа дека сите книги се доста актуелни, па дали следната книга ќе биде до крај на годината или во 2022, останува да видиме. Знам дека повеќето од читателите очекуваат тоа да се случи што поскоро, можеби и затоа што така се навикнати кога сум јас во прашање, но како велат – сè во свое време.
За крај, која е твојата порака за твоите читатели и оние на goce.mk?
Мојата порака е да се чуваат првенствено, за жал бројките повторно вртоглаво се зголемија со новиот бран на Kорона вирусот. Настрана од ова, нормално да уживаат во сите работи кои ги прават среќни и ги исполнуваат, да читаат што и колку им душа сака, полека да се подготвуваат (и психички и финансиски) за саемот на книга кој веќе ни е на праг, без разлика дали лично ќе го посетат или ќе си нарачаат книги преку интернет. И секако, да им дадат шанса и на младите и не толку афирмирани автори и да прочитаат некое нивно дело. Верувам дека од повеќето ќе бидат пријатно изненадени.
Александар, ние од срце ти благодариме за издвоеното време и ти посакуваме уште поголеми успеси во иднина. И понатаму остануваме да го следиме твојот развој и напредок со сета наша поддршка. А сите оние кои сте заинтересирани за неговите книги, не двоумете се и што поскоро збогатите ги вашите полици и библиотеки со некое од неговите уникатни дела.