ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
30.07.2021
Битолчанка и Штипјанец формираа македонски хор во Нов Зеланд

Сите ние сигурно имаме по некој што живее во Нов Зеланд или во Австралија. Нашинци во овие две далечни земји има многу, но она што недостига е промоција на македонската култура и македонската музика.

Ова го увидел брачниот пар од Македонија, Ирена и Саше Ангеловски, кои водени од ова формирале македонски камерен хор во Нов Зеланд кој има за цел да изведува музика од македонски автори и со тоа да ја промовира македонската музика и култура.

Ирена и Саше работат со хорот барем еднаш неделно


Ирена и Саше се музичари од Македонија со долгогодишно искуство во областа на музиката. Ирена Ангеловска е докторанд по музичко образование во Окленд, таа е од Битола, а моментално работи и живее во Окленд, Нов Зеланд. Нејзиниот сопруг, роден Штипјанец, е музичар со долгогодишно искуство во Македонската Опера и Балет во Скопје. Моментално тој има свој ангажман во Опера Нов Зеланд.

“Во Нов Зеланд се организираат многу фестивали и настани каде етничките групи можат да ја промовираат својата култура. Посетивме многу такви фестивали и забележавме слаба промоција на македонската култура и традиција на тукашната културна сцена, вели Ангеловска.

Хорот го формираат на почетокот на ова лето и веќе имаат неколку членови кои се дел од македонската заедница во оваа земја. Се надеваат дека хорот ќе стане соодветен репрезент на македонската култура и традиција.

Целта на Македонскиот Камерен Хор е промоција на македонската култура и македонското музичко творештво, но и можност за раздвижување и збогатување на културниот живот на македонската заедница во Нов Зеланд. Јадрото на хорот моментално брои 9 членови. Тоа се Вероника, Благица, Душко, Ѓоко, Зоран, Драган, Столе и ние двајцата. Репертоарот на хорот се состои од два сегмента, коишто се дел од инспирацијата за неговото формирање. Тоа е отсуството, односно, малиот број културни активности на македонската заедница, но и отсуството на Македонска Православна Црква во Нов Зеланд. Затоа се одлучивме репертоарот да се состои од световна и духовна музика. Целта е да работиме музика од македонски композитори и аранжери на народни песни за хор, како што се Трајко Прокопиев, Стефан Гајдов, Драган Шуплевски, Тодор Скаловски, Живко Фирфов, Александар Лековски, Томислав Зографски, Драгослав Ортаков, Атанас Бадев и други, вели Саше Ангеловски.

Членовите на Македонскиот Камерен Хор


Еден од најголемите проблеми со кои се соочиле при формирањето на хорот е обезбедувањето на партитури. Велат дека матичната држава треба малку повеќе да се ангажира во обезбедување на соодветни материјали за своја музичка промоција во странство.

Најголема помош добиле од нивните поранешни колеги Драган Костадиновиќ, Јасмина Ѓорѓеска, Иван Еминовиќ, Елена Алчева-Еминовиќ, Лилјана Трајковска-Димевски и претседателката на СОКОМ Валентина Велковска-Трајановска.

Доколку сакаме да бидеме препознаени во странство мораме тоа да го правиме преку музиката и културата, но за тоа е потребен и севкупен државен ангажман.

Би сакале да упатиме апел до институциите во Македонија кои се грижат за зачувување и промовирање на македонската култура и музика, да придонесат за дигитализација на македонското творештво со цел олеснување на работата на сите ентузијасти и вљубеници во македонската хорска музика. Дигитализацијата на македонското музичко творештво ќе обезбеди пристап до потребните материјали за работа, не само надвор од Македонија туку и дома, за сите домашни хорови, училишта, студенти, и љубители на македонската музика, вели младиот брачен пар кои со ентузијазам ја промовираат македонската култура во една од најдалечните земји.

Партитури по кои работат


Се надеваат дека со развојот на македонскиот камерен хор и можеби со првиот концерт, ќе се пројави интерес за поддршка од македонските институции се со цел зачувување на македонското културно наследство во места како Нов Зеланд каде има голем број мигранти од земјава.

Вештачката интелигенција и лекувањето на вируси
Претставата „Се случи еднаш во Женева“ со премиера во Народниот Театар Штип