ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
19.08.2021
Волонтерите – тивките херои на секое општество

Доколку имате желба за волонтирање, сигурно сте се запрашале како оди процесот на волонтерство и каде сѐ можете да волонтирате. Заедно со работата секако доаѓаат и придобивките, но кои се тие? Одговор на овие прашања добивме од Сандра Ташкова која веќе неколку години е волонтер во повеќе организации и со задоволство го сподели своето искуство со нас. Таа е волонтер веќе три години во повеќе организации, а нејзината приказна започнала во Црвен Крст во Штип, каде и сѐ уште е член.

Започнав со широк спектар на интереси, па затоа волонтирав на секакви активности: крводарителски акции, собирање дистрибуција на донации, помош при настани и манифестации итн. Моментално сум дел од тимот волонтери кои го помагаат и асистираат процесот на масовна имунизација против КОВИД-19, помагам и во тимот против кризи и катастрофи, а од посебен интерес ми е и пишување на проекти, реализација на настани и слично.

Волонтирам и во други организации како Грл Ап – интернационална невладина организација поддржана од Фондација на Обединетите Нации. Формирав Грл Ап клуб во мојата заедница како една од гранките на оваа организација, каде постојано планирам и организирам настани соодветни за тинејџери, на различни теми. Во оваа дејност имам голема поддршка од Американското катче, кое е соработник со Грл Ап клубот, и каде исто така волонтирам. Овде би го споменала и волонтерското искуство со УНИЦЕФ кое за мене започна оваа година онлајн, исто така и годинава започнав со волонтирање во организацијата НЕЦИ, преку која имам посетено и неколку обуки на национално ниво.”

Како член на повеќе организации, Сандра зборува и за бенефитите и искуството кое го стекнала  во текот на трите години активно волонтирање и учество. Волонтирањето може да донесе низа добри работи за една личност.

Бенефитите за личноста не секогаш се забележуваат на почетокот, но прво нешто што еден волонтер го чувствува се токму личната сатисфакција како и други емоции кои мотивираат уште повеќе како љубов, исполнетост, мир и емпатија.

Друг клучен бенефит е формирање на мрежа од контакти, контакти со други волонтери од различни организации, корисниците, организаторите, спонзорите и сите кои се вклучени во тој еден процес.

Со волонтирањето се формираат нови интереси, уште повеќе се развиваат постоечките и се формираат можности за волонтирање според тие интереси. Искуството од волонтирање е различно за секого, и варира и според тоа каде волонтирате, но секаде е вреднувано.

Во мојот случај имав огромна среќа да се стекнам со многу различни искуства поради тоа што имам волонтирано на активности од различен карактер.

Едни од највредните искуства според мене се искуствата со пишување и реализирање проекти, логистика, почетни искуства со графички дизајн и пишување на промотивни материјали и содржини, контакти и комуникација со луѓе, фирми, спонзори, административната работа…Едно од искуствата кои би сакала да ги истакнам е реализација на проект по сопствена иницијатива, по повод GYSD – Global Youth Service Day. Активноста беше насочена кон актуелната ситуација, односно спречување и борба против КОВИД 19, како и вмрежување на повеќе волонтери и невладини организации”, вели Сандра.

Волонтирањето е благородна работа и веројатно многу важна за да се изгради една млада личност, но сведоци сме дека институциите немаат развиено програми за волонтерство. Невладините организации се првите кои го трасираат тој пат.

Во нашата локална заедница, па дури и на национално ниво, според мене има мал недостаток на можности за волонтирање, или појасно кажано дали поголема достапност до информациите на некои од организациите каде што се нудат услови за волонтирање. Мислам дека бројот на волонтери би се зголемил ако постои поголема информираност на младите во врска со можностите за волонтирање и видовите на волонтерство. Исто така во нашето општество големо влијание има и стигмата која се формира во врска со волонтеризмот, бидејќи работата повеќе се поврзува со паричен надомест, но секој што е волонтер или активист сум сигурна дека е инспириран и мотивиран од искуството што ни една сума на пари не може да го купи. Волонтерството е неплатено, не поради тоа што е безвредно, туку затоа што е бесценето.”

„Волонтерите се љубов во движење“.  Секој кој е инспириран да волонтира дефинитивно треба да го стори тоа, бидејќи волонтерите се неопходни, а оние кои волонтираат велат дека ова искуство е незаменливо.

Отворени пријавите за пасивни учесници на Интернационалниот студентски конгрес по медицина
Признание „Ацо Шопов“ за Китанов и Мојсова – Чепишевска