Често може да ни се случи да се двоумиме за тоа кој збор треба да биде напишан со голема, а кој со мала буква. Затоа, ќе ги сумираме главните причини за тоа кога треба да употребиме голема, а кога мала буква. Доколку сакаме да пишуваме и говориме македонски, тогаш да го правиме тоа правилно и правописно!

Со голема буква го/ги пишуваме:
- Почетниот збор од реченицата.
Пр.: Вечерва ќе пиеме кафе.
Ќе патувам во петок.
- Имиња, презимиња, прекари, имиња на животни и фамилии.
Пр.: Се викам Сања.
Тој е од Симоновци, живеат во Центар.
На мачорот му го дадов името Хектор.
Марко Цепенков го викале Цепенко.
- Присвојните придавки изведени од личните имиња со наставките -ов, -ев и -ин.
Пр.: Многу ми се допадна Петревата монодрама.
Ѝ реков на фризерката да ми ја направи косата ко Анината.
- Топографските и географските имиња, дури и тогаш кога се составени од повеќе зборови.
Пр.: Овче Поле, Кратово, Обединетите Арапски Емирати, Амазон, Алпи.
- Имиња на жители на континенти, држави, области.
Пр.: Американец, Македонец, Мариовец.
- Имиња на национална припадност и припадници на племиња.
Пр.: Ром, Амазонец.
- Имиња на улици, плоштади, објекти, организации, фестивали, институции. Голема е буквата само на првиот збор, освен ако не е лично име.
Пр.: Партизански одреди, Младинска организација, Струшки вечери на поезијата, Драмски театар, Градежен факултет, Скопски џез фестивал.
- Имиња на книги, уметнички творби, весници, списанија, написи, закони, прописи, документи.
Пр.: Везилка, Дениција, Вест, Росица, Закон за наследство.
- Имиња на востанија, војни, битки и мировни договори.
Пр.: Втора светска војна, Карпошово востание, Букурешки мировен договор.
- Имиња на небесни тела, само кога се употребени како небесни тела
Пр.: Сонце, Земја, Јупитер, Месечина.
Не и: Ти си мојата месечина.
Како да се споија небото и земјата.
- Имиња на празници.
Само првиот збор со голема буква.
Пр.: Први мај, Божиќ, Нова година, Осми септември.
Доколку датумот е напишан со број, тогаш зборот што следува по бројот се пишува со голема буква.
Пр.: 8 Март, 11 Октомври.
Заменките вие и ваш, но и другите зборови кога се употребуваат во официјалната комуникација.
Пр.: Почитувана Деканка, Ви се заблагодарувам…
Можеби ќе ве интересира