Денес сѐ почесто сме сведоци на така наречени агресивни испади од деца на предучилишна и училишна возраст. Иако, ваквите испади навидум можат да изгледаат како нормални за деца на таа возраст, сепак тие може да остават сериозни последици. Многумина од возрасните сметаат дека пристапот до социјални мрежи е главна причина за појава на агресивно однесување. Нешто повеќе за факторите на ваквото однесување и кој е најдобриот начин да се справиме со него ни кажа Проф. Д-р Ленче Милошева, клинички психолог и РЕБТ и КБТ психотерапевт. Професорката е согласна дека технологијата и поврзаноста преку интернет има големо влијание врз однесувањето на младите.
“Често ја кажувам старата мудрост „Технологијата е добар слуга, а лош господар“. Тоа значи дека преку социјално когнитивно моделирање, агресивните ликови достапни преку социјалните мрежи стануваат идоли на децата преку ноќ. Доминантното влијание на прибегнување кон агресивно однесување секако им припаѓа на социјалните мрежи, но исто така тука се и моделите од непосредното опкружување, врсниците или семејството. Пристапот до социјалните мрежи треба да биде етички и едукативно селективен, во соработка со родителите и наставниците”
Особено популарна социјална мрежа меѓу младите е Тик-Ток. Но, наместо прикажување на едукативна содржина, децата учествуваат во некои предизвици каде снимаат видеа каде доаѓа до израз нивното хулиганско однесување.
“Тик ток има позитивни, но и многу негативни страни. Сакаме да бидеме видени, прифатени, вреднувани, сакаме пред самите себе и другите да покажеме дека вредиме, не сакаме да сме невидливи, безвредни, не прифатени и тоа се едни од нашите човекови, базични психолошки потреби. Но, на патот кон реализирање на тие потреби, некои деца и адолесценти бираат деструктивни, нездрави механизми, кои им се единствено познати од семејството или пак, од врсниците. Така се градат суштинските уверувања или ментални шеми, обоени со ментално искуство како се доаѓа до внимание и цел. Во периодот пубертет, адолесценција, потребата да се биде прифатен, посебно од врсниците е доминантна. Врсниците стануваат поважни од семејството. Влијанието на модерната дигитална технологија поставува нови правила на прифаќање или отфрлање. Токму поради тоа, семејството треба да биде „будно“ и да најде начин да ја одржи близината, да има увид, со цела почит кон приватноста на детето и адолесцентот.”
Неодамна бевме сведоци и на еден немил настан кој кружеше по социјалните мрежи, каде за девијантното однесување на учениците, учителката се послужи со навреда. Професорката посочува дека правилата треба да се создаваат заеднички, но и да се почитуваат од сите. Навредите кон децата и младите, вели професорката Милошева, може да доведе до уште поголема агресивност.
„Казните и наградите постојат пред многу векови, и се стара, но функционална приказна. Кога велам казни мислам на укажување на некоја негативна постапка и одлука и кои се негативните последици од неа, дискутирање за неа на адекватно когнитивно и емоционално ниво на развој на детето. Навредувањето на личноста на детето или пак, на личноста на наставникот води кон рушење на довербата и уште поголема агресивност. Феноменот на „научена беспомошност“ кај децата во училиштата се неретко резултат на етикетирања и обезвреднување, кое води понатаму кон поголема ранливост за ментални проблеми и потешкотии. Најдобриот пристап за решавање на таа и слични ситуации не е осудување и споделување по социјални мрежи, туку многу понапред во креирање и имплементирање на превентивни програми кои можат да го заменат агресивниот со асертивен модел на комуницирање.”
Во случај да не се препознае и третира ваквото однесување кај децата, Проф. Ленче вели дека може да ја афектира личноста и во подоцнежниот развој.
“За жал, агресијата се среќава во разни комплексни слики на ментални проблеми. Наодите од разни истражувања , посебно со РЕБТ и КБТ научно истражувачка рамка, укажуваат дека во создавањето на антисоцијалното однесување, во кое агресијата има свое значајно место, важна улога имаат апсолутистичките барања за туѓото однесување и обезвреднување на други луѓе. Навременото превенирање преку вклучување на децата и подоцна адолесцентите во превентивни програми е насочено кон стекнување на пофлексибилни животни филозофии, безусловно прифаќање на другите луѓе, постигнување на поголема емпатија со другите и развој на вештини за заземање на себе на асертивен, а не на агресивен начин.”
Според Проф. Ленче, петиции и апели преку социјалните мрежи нема да го решат проблемот. Потребни се системски решенија.
„Потребни се системски промени и креирање и имплементирање на Национални превентивни програми за превенција на менталното здравје, посебно во овој случај во училиштата. Во Националната стратегија за заштита и превенција на менталното здравје, во чие изготвување учествував како Национално контакт стручно лице со СЗО, нашиот тим предвиде вакви програми и укажа на нивната важност и неопходноста од промени во други закони, ингеренции итн, но и важноста на вклученост на училиштата, наставниците, психолозите и сите други експерти за работа со деца, како и родителите во креирање на истите.“
Експертите се согласуваат дека треба заедничка и сеопфатна работа која ќе го разбуди рационалното размислување кај младите. Потребно е да се работи интензивно и да се вклучат повеќе експерт во превенирање на ваквите проблеми.