Летните ноќи знаете за што се? За долги, пријателски и длабоки разговори со драги личности. Една таква ноќ за соговорник го имавме Марио Манов.
Доколку претходните две години ги земеме предвид, кај Манов ќе забележиме значителен напредок на тлото каде тој е меѓу најдобрите, ако не и најдобар – инфлуенсерството.
Своето секојдневие го дели со повеќе од 60 илјади следбеници, а огормен „бум“ направи со неговиот Инстаграм серијал „Македонски мајки“. Талентот за да ги пренесе нештата онакви какви што се, секогаш насмеаното лице и позитивната енергија која се шири дури и преку телефоните, се клучните фактори зошто Марио има публика од различни возрасти која го обожава и поддржува.
Но, наспрема позитивната страна што професијата „инфлуенсер“ ја носи, ние го продлабочивме разговорот и заскокоткавме теми кои не се толку смешни и хумористични како оние кои се претставуваат на публиката.
Знаеме дека во животот кај секој постои момент кога ставаме прст на чело и сфаќаме дека мора да се промениме, да станеме подобра верзија од самите себе. Марио ставил прст на чело во моментот кога сфатил дека е опкружен со нешта кои не го прават среќен.
„Кога зборувам за нешта кои не ме исполнувале, мислам на работното место, на другарите, на опкружувањето. Сѐ тоа ми влијаеше негативно, правејќи да се чувствувам како да „тапкам“ во место. Додека го сфатив тоа, ми требаше навистина многу време. Сега сум опкружен со луѓе кои имаат високи цели во животот, луѓе со позитивно размислување и став, кои се борат крвнички за она што го сакаат. Токму таквите, ми даваат поттик и енергија и јас истото да го правам. Е, со таквите луѓе и јас, свесно или несвесно, се променив кон подобро.“ – вели Марио.
Информацијата дека ќе излегуваат нови серијали, ќе има многу видеа и сите други планови веќе излегоа во јавноста. Нас нѐ интересираше, кои се работите што во иднина, во наредните 20 години ќе му донесат внатрешен мир и со што ќе биде задоволен од самиот себе.
„Имам поставено цели кои полека, но сигурно ги достигнувам. За тоа сум свесен и навистина сум горд на самиот себе поради тоа што ги ставам тие цели на врвот. Во иднина, сакам да најдам место каде што ќе сум среќен и свој, да работам работа со елан, а не заради тоа што морам да живеам од нешто. Сакам да го завршам образованието, па да го истражам светот.“
Патувањето имало голем уддел во неговата перцепција за светот и нештата кои го опкружуваат.
„Сум прошетал многу земји, но сакам да запознаам други култури. Одблиску да видам како луѓето, поразлични од нас, функционираат. Сум ја видел онаа убавата, луксузната страна на животот од луѓето што ги гледам секојдневно, но сакам да видам како живеат луѓето кои не можат да си го дозволат тоа. Луѓе кои имаат многу малку поддршка во животот и да видам сѐ: и доброто и лошото.“
Марио вели дека колку и да звучи клише, сепак планот да основа семејство е еден од приоритетите кои ги има во животот.
„Да бидам со личност што ќе ме сака и ќе ја сакам, да створиме семејство, да имаме две дечиња, две среќи и тука завршуваат целите за наредните 20 години. Откако сѐ тоа ќе го исполнам, пред себе ќе поставам други.“
Знаеме дека секој човек доживува падови, а за моментите кога тој бил на дното, разговараше со отворено срце, укажувајќи на тоа дека за таквите моменти воопшто не е срамно да се зборува.
„Да бидам на дното ми се има случено единствено два пати во животот. Тоа се моменти кога мислиш дека не можеш да ја преживееш ноќта, а утрото тешко дека ќе го дочекаш, кога чувствуваш дека потонуваш, а не успеваш да најдеш нешто што ќе те извлече на површината. Таков период, за прв пат, имав пред две години. Вториот пат е сега, моментално, иако не изгледа воопшто така. Првиот пат единственото нешто што ми помогна за да излезам од таа депресивна фаза во животот, бев самиот јас. Вербата што ја имав во самиот себеси и поддршката која си ја давав, на прво место, а потоа поддршката која ја имав од семејството.“
Во таквите периоди е од огромна важност кој се наоѓа до нас. Единствено прибежиште од целиот хаос околу него го наоѓа кај неговата мајка.
„Кога не гледаш светла точка, многу е важно да имаш до тебе човек кој ќе те ислуша и даде добар пример како е најлесно да излезеш од таквите ситуации. Личноста која безрезервно беше и сѐ уште е до мене, е мајка ми. Се соочував со многу проблеми кои правеа да не гледам излез од сето тоа.“
Од неговото лично искуство вели дека во тие моменти најважна е позитивната мисла и вербата дека мора да се бориме, дека имаме надеж и дека е само фаза која кога-тогаш ќе заврши.
„Моментално се наоѓам во иста таква ситуација како тогаш, која не е толку лоша, но има потенцијал да се развие до тоа ниво. Истото го правам и сега, си давам поддршка. Поразлично е затоа што имам личности кои ми помагаат, кои се до мене, личности кои ме поддржуваат и сакаат за тоа што сум јас, за тоа што го правам и многу добро знаат дека не сум толку слаб колку што мислам јас.“
Од Германија, каде што живее, студира и работи, има доста ангажмани. Но, последниот период се случува да има премногу ангажмани и во Македонија, со што дополнително му се зголемува стресот. Сето тоа предизвикува желба што побрзо да се заврши сѐ. Фактот дека е среќен што има прекрасна публика со која делат исти енергии е повеќе од јасен, но некогаш му недостига мирот и тишината кои се значително поретки сега.
„Јас обожавам да давам интервјуа, да правам фотосесии, да имам снимања за портали, телевизии и слично, затоа и го правам ова што го правам, но сѐ тоа ме изморува толку многу физички и психички. Притисокот од јавноста што го имам, посебно од луѓе што не ме следат, а имаат нешто да кажат е огромен. Тоа е така оти немаат развиено емпатија и не сакат ниту да помислат дека ние, инфлуенсерите имаме слаби моменти. Ете, сега сум дојден во Македонија на три недели, а тие дневни агенди со еден куп ангажмани ме исцрпија толку многу што едноставно, не знам каде се наоѓам.“
Го прашавме и како се справува со сите негативни, деструктивни критики и навреди кои ги добива секојдневно. Кој е неговиот заштитен механизам и колкаво е нивното влијание врз неговиот живот.
„Претходно ми беше важно кој што има да каже, сега веќе не толку, но сепак допира до мене и позитивното и негативното. Се водам по онаа стара народна „Што ќе фрлиш пред себе, тоа ќе најдеш зад себе“, така и родителите ме воспитале. Поради тоа знам дека сѐ што правиме, го правиме за самите себе, а за лошите нешта постои карма. На ваков или онаков начин, сѐ тоа ќе се врати. Мене од тие негативности ме штитат љубовта од семејството, од пријателите, од личноста со која сум во врска и во голема мера од фановите кои навистина безрезервно ме подджуваат и се најдобри!“
Ни кажа дека му недостигале неговите клиенти и работното место во Германија, но и дека само сака да испие кафе во тотален мир на езерото близу Равенсбург и да ја чувствува хармонијата околу него.
Марио ни направи споредба за проблемите со самодовербата кои ги има уште од мал.
„Претходно проблеми со самодовербата имав поради телото, а сега ми се поради лицето кое го имам. Истите се предизвикани најмногу од социјалните мрежи. Таму секој сака да се прикаже во убаво светло, да изгледа најдобро, да ја покаже најдобрата верзија од себеси, прикривајќи ги недостатоците со филтри кои не ги поддржувам, но ги користам. Свесен сум дека е грешка, затоа и работам на себеси, да се сакам таков каков што сум и да се прифатам. Сѐ уште немам стасано до таа точка, но се движам натаму. Навистина е во ред да немаш голема самодоверба, во ред е да не си задоволен од самиот себе. Во одреден период е навистина во ред, затоа што е фаза и си бара работа да се надмине. Но, не е во ред сѐ тоа да се промовира, кога самиот ти не си дојден до тој степен. Затоа и ретко зборувам за нарушената самодоверба, комплексите, поради фактот дека јас ги немам искоренето.“
По отварањето на неговата душа, по разговорот со искрено срце и мислење, го замоливме да ни каже што ќе порача на Марио Манов од 12 години и Марио Манов од 32 години. Одговорот беше исто толку брутално искрен како и сите претходни.
„На Марио од 12 години ќе му кажам да верува во самиот себеси, да не се плаши, да се стреми да ги исполни соништата и да знае дека се ќе биде во ред, кога-тогаш. Ќе му треба време, мноогу време, но коцките ќе си дојдат на свое место. А на Марио од 32 години ќе му кажам кажам едно големо браво за сѐ што постигнал!“
Ние, на Марио Манов од 21 година, ќе му посакаме само убавини и ќе го замолиме да остане онаков каков што е, оти токму таков нам ни се допаѓа најмногу. Неговото небо е преполно со ѕвезди, а веруваме дека тој ќе успее да ја симне секоја една најсветла и да ни ја подари нам, преку талентот, хуморот и сѐ она што го прави во животот!