ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
26.07.2021
Како Кристијан Шемко стана фриленс артист?

Во последно време по социјалните мрежи е доста популарен еден млад писател кој објави своја книга „Како да станеш фриленс артист“ која направи бум по книжарите, па ајде да дознаеме кој е Кристијан Шемко и од каде љубовта кон книгата и пишувањето.



30 годишниот Кристиан пораснал во Австралија, Сиднеј, а пред 6 години се преселил во Македонија. Кристиан за себе вели дека е човек кој е вечно вљубен во неговата прва љубов, уметноста. Со малку формално знаење и голема љубопитност за се околу него, уште од мали нозе почнал да чита книги кои се малце поинакви од школските досадни лектири.

На 10 години ја прочитал првата книга „Најголемите светски мистерии“ која е и главен виновник за тоа што Кристиан почнал да истражува,  да пишува свои белешки и да продолжи да чита книги. Се сеќава дека првата поезија која ја напишал била за првите симпатии спрема девојките.

Пишувањето беше начин да ги истражам моите длабочини и ми помогна подобро да се разберам себеси, моите чувства и начинот на кој сум поврзан со светот“ – вели Кристиан.

Го прашав уште по нешто, па, видете што одговори:

Што би им препорачал на младите таленти кои се мислат дали да започнат своја книга?

Сметам дека секој кој има да каже нешто, може да напише книга. Во зависност од тоа кои теми најмногу им лежат на новите писатели, за таа тема и треба да пишуваат. Сеедно дали се работи за книга за личен развој, роман, поезија и слично, секогаш треба да се цели кон тоа книгата да предизвика восхит кај читателот. Најдобро е кога писателите пишуваат за своите лични искуства. На тој начин, сигурен сум дека и нивните дела ќе имаат поголема тежина, бидејќи тоа излегува од изворот на нивниот карактер. Сеедно на кое ниво се наоѓаат, мојот совет е да започнат со пишувањето што порано. Не е битно за што и како пишуваат. Со секој нов пишан збор, ќе стекнуваат искуства кои ќе им бидат од особена корист како што ќе се развиваат во текот на нивната писателска кариера. Бидете отворени и слушајте фидбек од личности кои се упатени во она што го пишувате. Ако сакате да напредувате, тогаш праксата е најдобриот учител.

Што треба секој писател да знае пред да започне своја книга?

Најважно е книгата да биде структурирана. Да има некоја смисла целата приказна околу книгата. На тој начин, читателот ќе знае дека е во сигурни раце и дека книгата има почеток, средина и крај. Секако, и да се пишува книгата само кога сте навистина инспирирани. А тоа ќе го постигнете само ако си обезбедите свој личен простор каде што сте најкомотни за да пишувате. Видете кои теми најмногу ви лежат. Така, и кога ќе ја пишувате книгата и ќе истражувате повеќе на тие теми, ќе се изненадите колку всушност малку се познавате себеси. Ќе дојде момент кога самата книга ќе ве надмине и ќе стане ваш учител. Мене ми се случи тоа со првата книга. Во вашата книга, оставате интимен дел од вас. Вие се отворате пред светот и очекувајте, исто така, и читателите да се отворат кон вас. Пишувањето книга е свето патешествие. Вие оставате наследство за другите. Тоа е благослов.

Колку е лесно или тешко да се напише една книга, а истовремено да се бара на начин како да се објави истата?

Пишувањето книга знае да биде макотрпна работа. Бара голем влог, умствен, духовен и физички. Но, ако имате желба да го искажете вашиот глас пред светот, тогаш самиот процес станува духовно патешествие. Пишувањето книга знае да одземе многу месеци, па дури и години. Првата книга ја напишав за 6 месеци, но уште толку долго се дотеруваше, корегираше и слично. Едно е да се напише книга, а сосем трето е таа книга да се издаде.

Бидејќи тука станува збор за уредување на книгата откако ќе се заврши (прелом, лектура, дизајн на корица, IBN и слично). Воедно тука спаѓа и тоа каде книгата ќе се продава (дали ќе биде под закрилата на издавачка куќа или самостојно ќе се издаде), маркетинг кампања, промоции, фидбек и слично. Но, покрај сите овие да кажам тешкотии околу издавање на една книга, гордост е кога, после се што си поминал, ќе видиш дека книгата ти е изложена во најдобрите книжарници во градот, дека читателите позитивно ја прифаќаат, новостекнатиот статус на автор, збогатеното искуство, во вас ќе разбуди поттик за да продолжите да творите нови дела, а со тоа и задоволството да создавате дела кои ќе остават трага во нечиј живот и ќе красат нечија полица во домот на читателите што го почитуваат вашето дело.

За што станува збор во твојата книга и каде може да се најде?

Во мојата книга “Како да станеш фриленс АРТИСТ” ги опишувам моите фриленсерски искуства од мојот уметнички живот. За тоа како дадов отказ од работното место и како влегов во светот на фриленсерите, зошто започнав да создавам уметност, како да развив солиден карактер кои ми помогна подобро да се поврзам со моите соработници и клиенти, како и многу слични теми. Минав многу тешкотии дури да се пронајдам себеси и моето место каде што припаѓам. Бидејќи сметам дека е особено важно сите ние да ја пронајдеме својата страст за она што сакаме да го работиме во животот. Книгата изобилува и со повеќе теми како на пример, психологија, филозофија, уметност, претприемништво и слично, со цел да ја доловам суштината на тоа што значи да си среќен и да го работиш она што ти претставува најголемо задоволство, а воедно и да заработуваш од тоа.

Книгата е пред се, прирачник за самопомош, а потоа водич за како да го пронајдеш својот повик и да го развиваш својот талент и карактер (постојат повеќе сегменти за личен развој и во книгата во голема мера ги опфатив темите за кои сметам дека мене ми помогнаа да се развијам во самосовесна личност и одличен соработник). Воедно и како режисер, во книгата има и бонус сектор во кој давам насоки на младите филмејкери за како да креираат визуелен проект од почеток до крај. За што мислам дека ќе им биде од особена корист во ова модерно време каде што видеото како формат зазема голем дел од нашето секојдневие и се користи скоро во сите сфери од нашиот живот.

Книгата можете да ја купите од мојата издавачка куќа Полица, која се наоѓа карши Јосип Броз гимназијата во центарот на Скопје, Во книжара ТРИ, во Литература, како и од онлајн сајтот на Полица.

Какви очекувања имаш од книгата и дали да очекуваме нови изданија?

Искрено, изненаден сум од тоа колку книгата е добро прифатена од читателите. Моите очекувања како автор беа дека ќе успеам барем со мојата книга да допрам до оние читатели кои поминуваат низ таа фаза на транзиција во фриленсеркиот живот,но и луѓе кои се желни да креираат и кои го движат општеството напред преку своите дела. Горд сум што успеав во мојата замисла. По природа сум човек кој си останува на зборот и кој живее во согласност со своите цели и вредности.

Многу читатели ми испраќаат во порака импресии од книгата и како се пронашле во неа. А и ме радува тоа што моите книги се продаваат во најголемите книжарници во Македонија.

Отсекогаш сонував за тоа како моите книги се убаво наредени на големите полици ширум книжарниците низ Македонија. Засега, среќен сум што успеав да напишам книга, а со тоа и да создадам подлога за следните книги. Пишувањето книги е како опсесија, штом еднаш започнеш, нема крај.

Во тек ми се следните две книги кои ќе бидат со поразлична тематика од првата. Сепак, останувам на психолошкиот, советодавниот и филозофскиот жанр, бидејќи сфатив дека тој најмногу ме влече. Среќен сум што животот го живеам со голема страст, духовно сум исполнет и мило ми е што имам можност да создавам литературни дела, кои, се надевам, ќе остават трага во овој свет и по кои луѓето ќе ме паметат долго откако ќе заминам од овој свет (а можеби и еден ден мојата биста ќе краси нечиј плоштад хехе).

Кристиан е дечко кој што го пронашол тоа што го исполнува и успеал да го оствари неговиот сон. Доколку некогаш се наоѓате на крстопат и не знаете по која улица да тргнете, послушајте го срцето и направете го тоа што од секогаш сте го посакувале, резултатите ќе ве изненадат.

Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Здравствени политики за сите