ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
23.09.2021
Одблиску со Влатко Рафески – „Не постои добар фотограф, постои добра фотографија“

Сѐ почесто на социјалните мрежи се среќаваме со сѐ поубави и квалитетни фотографии сликани од професионалци. Речиси ниту еден настан или пак прошетка во природа не поминува без документирана добра фотографија. Поразговаравме со Влатко Рафески, професионален фотограф веќе 10 години, поддржуван од  Никон Македонија и предавач на настани за Никон опрема како и пејсажната фотографија на дел од балканските земји, предавач на најголемиот фото настан во Македонија  Skopje Photo Week и дел од жири комисијата за најдобра фотографија. Исто така, добитник на прва награда „ЕХО филм фестивал 2020 година“,  како и бренд амбасадор на  “Sunwayfoto”- компанијата за фотографска опрема веќе две години.

Како да се направи добра фотографија ?

„За добра фотографија потребно е, пред сѐ љубов, труд, жртва и посветеност. Потребно е да се поклопат многу фактори покрај горенаведените за да се дојде до идеална фотографија, а тука би ги напоменал креативноста, талентот, знаењето, опремата, локацијата и временските услови (атмосферата). Затоа е потребно поминување долго време во природата, снимање на истата во сите услови и годишни времиња и неизбежно е да се дојде до очекуваниот резултат.“

Колку е важно светлото за добра фотографија ?

 „Светлото се смета можеби за најважниот фактор во фотографијата, но во пејзажната фотографија не секогаш. Пејзажите се секогаш најубави за време на драматична осветленост во комбинација со динамичната промена на небото или околината (облаци, магла, невреме) и најчесто се фотографира за време на зајдисонце или изгрејсонце кога има идеална дифузна осветленост и колорит. Во другите типови на фотографија светлото има поважна улога од типот на портретна фотографија, макро фотографија, свадбена фотографија, продукт (stock) фотографија и др.“

Кои работи треба да ги знаеме за да направиме убаво селфи ?

„Искрено селфито се слика со предна камера на мобилен телефон со лош квалитет и не би го ставил во сериозна фотографија. Намената на селфито е забава и претставување на себеси во момент кога нема кој да те фотографира. Единствено потребно е да знаете кој профил или полу профил од лицето ви е поубав за да знаете со која рака да сликате (се смее) бидејќи како што ништо не е идеално во природата, така и нашиот лик со сите елементи на него не е идеално. А што се однесува до знаењето, мислам дека не е потребно никакво знаење за селфи, едноставно се местиш и фоткаш.“

 

Која е предноста на фиксниот објектив ?

 „Од мое искуство, па и општо од искуствата на голем број фотографи, фиксните објективи се секогаш поостри во квалитетот на фотографијата поради елементите на леќите и ја избегнуваат аберцијата на бои на извиците од предметите што е мошне важно. Најчесто се користат во портретната и свадбената фотографија заради квалитетот што го даваат и пред се брзиот фокус. Во пејзажната фотографија ретко се користат фиксни објективи освен оние што се со широк агол поради драмата на сцената што треба да се долови. Од искуството што сум го имал 35мм фиксен објектив мене најдобро ми користел.“

 Што мислиш за новиот тренд, секој со скап апарат е „фотограф” и си ги потпишува своите слики ?

„Не постои добар фотограф, постои само добра фотографија“ …. Ансел Адамс. Изрека на која се темели фотографијата. Може да го поседувате најскапиот и најдобриот фотоапарат на планетата, но ако ја немате љубовта, чувството и окото и сѐ она што го наведов погоре, тогаш залудно го имате апаратот. Со текот на учењето и долгото поминување во природа и снимање на истата, времето ќе ви покаже кога треба да одите на повисоко ниво на опрема. Јас почнав со “point and shoot” камера за сега го користам најновиот модел на Никон “Nikon Z7II”. Кога ќе стекнете поголемо искуство, тогаш ќе ја разберете разликата помеѓу аматерски и професионален апарат, зошто постојат моменти кога тој „скап” фотоапарат ќе ги истакне перформансите врз фотографијата.“

Влатко е посветен на пејзажната (landscape) фотографија и е голем љубител на природата и планинарењето. Ја подготвува и својата прва самостојна изложба на фотографии во која ќе може сите да уживаме во преубавите пејзажни фотографии кои тој ги прави.

Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Здравствени политики за сите