ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
28.08.2021
Проект среќа: Секое дете заслужува среќа

Среќа е чувство на длабоко задоволство од нешто – надворешна појава на тоа чувство. Навидум многу едноставна дефиниција со толку голем простор за надградување. Среќа за возрасните и среќа за децата е различно толкување.

Едно дете може да манифестира среќа ако добие дрон, најнов телефон, ако е во Дизниленд, ако си купи седми пар патики во една сезона, а друго може да манифестира среќа ако не си легнало гладно, ако покривот на домот не му прокиснува (ако воопшто има дом), ако оди во обувки соодветни за сезоната, ако има училишен прибор.

Многу е голема раслоеноста во општеството, а нема среќна иднина за едно општество без среќни, едуцирани и образовани деца. За жал во нашава земја голем број население живее во сиромаштија, голем број деца немаат основни услови за живот, немаат еднакви можности, немаат пристап до неформално образование, едноставно голем број од нив живеат на работ на егзистенцијата.

За среќа, постои „Проект среќа“!

За Проект среќа разговарав со Кристина Арнаудова Петровски, претседателка и основач на здружение, кое единствено на нашите простори е фокусирано на подобрување на квалитетот на живеење, создавање на можности и образование и едукација за децата и младите со помалку можности.

„Проект Среќа е здружение каде фокусот е на деца во социјален ризик или како што ние ги нарекуваме, деца со помалку можности. Верувам и се борам за тоа дека секое дете заслужува и треба да има еднакви можности, и токму заради тоа го оформив ова здружение пред скоро 6 години. Зад Проект среќа се кријат многу проекти, многу среќни деца, среќни приказни, многу работа и труд и борба во име на децата и нивните семејства. Веќе 6 години сме со фокус на градење подобро општество за сите, еднакви можности за децата со акцент на образование, неформално образование, култура, односно се она кое нивните семејства не можат да им го овозможат. Имаме над 1200 членови и бројката постојано расте. Децата се од цела Македонија, се трудиме да влеземе секаде каде што има потреба од нас, во секој град и особено секое село“.

Кристина можеби повеќе ја знаеме како пеачка, композитор, продуцент но таа вели: „Јас отсекогаш го работев тоа, хуманитарната работа ми беше главно хоби, но тоа јавноста не го знае бидејќи не известував што работам. Да не морам односно да не беше целта да помагам на сите деца кои имаат потреба, и да имав пари да покријам се сама, немаше никогаш ни да чуете за моите активности. Тоа го правам затоа што сметам дека така мојот живот има смисол, а не за да ме има во медиумите поради тоа. Проект Среќа се роди како последица на тоа што сакав да направам повеќе и сметав дека со здружение можам да допрам до повеќе луѓе, компании, филантропи кои ќе се приклучат кон мојата мисија. Деца на возраст од 0 до 15 години се наша целна група, деца кои од било која причина живеат во сиромаштија или во скриена сиромаштија (тоа е кога родителите имаат примања но тие се премали за да можат да им овозможат на децата некои нешта кои вообичаено децата ги имаат и ги сакаат)“.

Луѓето кои имаат потреба да се обратат до оваа организација може да ги пронајдат на нивната страница на фејсбук https://www.facebook.com/proektsreka или на веб страницата каде што има контакт www.proektsreka.mk Често и од организацијата може да ги побараат по допрен глас и по доставување на документ кој ќе го потврди социјалниот статус на семејството.

Во моментов Проект среќа собира училишен прибор за помош на децата достоинствено да ја започнат новата учебна година. Паралелно со тоа во тек им е проектот #шаренолето преку кој група деца се на незаборавно доживување во прекрасното Крушево. Неодамна го завршија и домот на самохрана мајка на двајца тинејџери од Штип и покрај сите препреки – пронаоѓање мајстори, превоз, работна рака, градежни материјали. Ова оди преку акцијата #проекткуќасоКристина. За жал оваа акција е моментално затворена бидејќи веќе имаат премногу пријави за реновирање или градење дом, а премалку пријави на спонзори и донатори.

И за крај ја прашав Кристина – Дали луѓето во Македонија се тажни? – „Па за жал да. И тажни и сиромашни и мислам дека тоа ги прави се повеќе да се лоши… А пак оние кои имаат многу, луѓето во чии раце е капиталот, парите, се најчесто многу себични. Не може да биде филантроп човек кој нема поминато низ некаква голгота во животот, кој нема осетено тежина на своја кожа. За жал.“

Според извештајот за Најсреќните земји во светот за 2020 година убедливо на прво место е Финска, Македонија се наоѓа на 90 место од вкупно 153 земји.

Како стресот од испитната сесија влијае врз менталното здравје на студентите?
Грант од 1000 евра ако отворите е-продавница
Учениците од понеделник на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај