ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
22.08.2021
Пулексенија Јованоска ексклузивно за Гоце.мк: „Талентите се раѓаат, а шампионите се создаваат со напорна работа и истрајност“

На наше огромно задоволство имавме чест да поразговараме со една од личностите која ја направи Македонија многу горда и среќна. Пулексенија Јованоска е девојка која нѐ претставуваше на Олимписките игри годинава и освои 9 –то место, па ајде да дознаеме повеќе за неа.

„Мојот прв допир со каратето го имав на мои 6 години. Како темпераментно и љубопитно дете сакав да знаам што е карате. Почнав со тренинзи и бев буквално најнеталентираното дете (се смее). Започнаа првите успеси и тогаш се роди љубовта кон каратето. Колку повеќе растев, сѐ повеќе сакав да напреднувам. Преку каратето научив што е почит, дисциплина, трпение и најважното, научив дека талентите се раѓаат, а шампионите се создаваат со напорна работа и истрајност. “ – вели Пулексенија.

Колку е лесно или напорно да се тренира карате?

„Каратето, пред сѐ бара концентрација и редовни третнинзи, бидејќи треба да се постигне форма на совршени движења и ставови во исто време, пропратени со максимална физичка подготвеност. Јас каратето го работам со многу љубов, напорно е секако, но не би рекла тешко. Знае да биде исцрпувачко, знае да има и повреди. Тоа е процес кој бара време за да се постигне целата таа комплетна форма“.

Може ли да се опише чувството да се биде дел од Олимписките игри, па и да се претставува нашата земја?

„Чувството е неверојатно. Се чувствував гордо, знаев дека имам привилегија да бидам таму дел од светската спортска елита. Навистина ми беше чест што ја претставував Македонија на најголемиот спортски настан“.

Што е она најдоброто што го научи од каратето?

„Една особина која ја научив од каратето и на која сум посебно горда е самоконтролата над себе – дисциплина на мислите. За мене секоја ситуација може да се реши со разговор“.

Пулексенија Јованоска е личноста која донесе светлина во нашата земја и нѐ направи горди и е совршен пример дека никогаш не треба да се откажеме. Почнала карате како „нај неталентираното“ дете, а сега заврши на 9 – то место на Олимписките игри.  Лош почеток не секогаш значи лош крај, некогаш може да биде сосема спротивно. Следете ја Пулексенија како пример и никогаш не се откажувајте ако нешто не започнало како што очекувате.

Оскарите со измени поради војната?
Светски ден против дебелината: младите се сѐ по дебели