ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
20.08.2021
Се соочиле со проблем, за да го решат формирале денес успешна компанија

Студенти на Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола во прва година на своите студии морале да одат на задолжителна пракса во некоја компанија. Тие како студенти немале идеја каде би можело да одат на пракса, ниту пак имале начин да најдат компанија каде ќе ја извршат практичната работа. Затоа дошле до идеја да формираат онлајн платформа која ќе ги поврзува студентите кои бараат практична работа и компаниите кои бараат практиканти. Така настанала компанијата Bintern, онлајн платформа која денес ја користат студенти од сите факултети од целата држава.

Во моментот на Bintern имаме околу 900 регистрирани студенти и работобаратели. Исто така имаме повеќе од 60 компании кои активно регрутираат нов кадар. Скоро секој месец имаме повеќе од 20 активни за пракса и работа. Нашиот бенефит го гледаме во самиот импакт кој го правиме односно можноста која ја имаат компаниите да изградат вработени од млади и амбициозни луѓе штотуку излезени од факултет. А исто така и можноста која ја имаат студентите да се оспособат за работа и да си ја зголемат својата вработливост уште за време на своите студии, вели Димитар Митревски, основач на Бинтерн.

Во Бинтерн се вклучени претежно студенти кои во просек имаат 22 години. Се охрабриле да формираат онлајн платформа и да го решат сопствениот, но и проблемот на своите колеги од други факултети и универзитети.

Ние сме млад и амбициозен тим кој напорно работи да ја намали невработеноста помеѓу младите во Македонија. Нашиот тим во моментот брои 8 луѓе и тоа програмери, маркетинг, графички дизајнери и многу практиканти кои ни се вклучуваат попатно, вели Димитар.

Тимот на Бинтерн

Платформата моментално е поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој, и од акцелераторската програма на УНДП. Во Македонија, да се формира стартап компанија од нула е доста тешко, но младите студенти од Битола и на тоа гледаат како на предност наместо на недостаток.

Македонскиот стартап екосистем е сеуште во развој, јас би рекол добро е што имаме проблеми, па ние претприемачите сме тука да ги решаваме. Јас гледам дека Македонија е добар тест пазар, а за поголем успех потребен е излез на компанијата во странство, потенцира Димитар.

Идејата им е да се прошират низ целата држава, но не да останат само овде, туку да ја развијат компанијата и надвор од границите на Македонија. Првичната цел им е да ги опфатат студентите од Западен Балкан, а потоа и оние од Европа.

Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Здравствени политики за сите