ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
11.08.2021
ФОЛТИН порачуваат: Млади останете секогаш до вашите соништа!

На македонската музичка сцена има бендови кои со години успешно работат и творат. Познати кај нас, но препознати и вреднувани и надвор од Македонија. Пеце Николовски, Гоце Јовановски, Славчо Јовев, Пеце Трајковски и Бранислав Николов веќе 25 години се препознатливи како ФОЛТИН од Битола.

ФОЛТИН покрај во Македонија настапиле на бројни музички и театарски фестивали во Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Унгарија и неколкупати биле наградени за нивната работа.

Од Фолтин велат дека работата што ја работат или она што им причинува најголемо задоволство е нивната работа, е музиката и таа е една и единствена причина да опстанат како група во изминативе 25 години. Тие се пет музички авантуристи кои живеат ЗА и ОД музиката.

Нивниот необичен, несекојдневен, динамичен музички стил го дефинираат како – смеса на повеќе стилови на музика бидејќи безрезервно експериментирање и комбинирање на жанрови било тоа што отсекогаш ги возбудувало и им било интересно.

До сега имаат издадено 10 албуми, а по повод овогодинешниот јубилеј (25 години од првиот настап на Фолтин) поголемиот дел од настапите ги прават во знакот на тој јубилеј и промотивно го свират најновото ЕП – Симултан бакнеж. Имаа три самостојни концерти во Македонија – Струга, Прилеп и Велес, пред неколку дена се вратиле од Банско, Бугарија каде имале едночасовен настап на покана на реномираниот Банско Џез Фест, следуваат ДФест на 13.08, потоа големиот самостоен концерт во Хераклеја Битола на 21.08 и последниот за ова лето на плажата Оревче во Охрид на 22.08.

Во текот на карантините и полициските часови поради Ковид пандемијата освен онлајн концертите компонирале музика за нивното најново издание, работеле на независен музичко-театарски проект со Валентин Светозарев во Битолскиот народен театар наречен „Молитва по Достоевски“ и го довршиле музичкиот дел од претставата „И коњите ги убиваат зар не“ во Битолскиот театар со режисерот Мартин Кочовски.

Пораката на ФОЛТИН до младите е: ОСТАНЕТЕ СЕКОГАШ ДО ВАШИТЕ СОНИШТА И ВНИМАВАЈТЕ ШТО ПОСАКУВАТЕ, МОЖЕ ДА ВИ СЕ ИСПОЛНИ!

Фото: Маја Аргакијева и Кети Талевска

Кариерен ден на УГД – за полесен избор за средношколците
Избрани единаесет нови гласови на „Отскочна даска“