
Иселувањето од нашата земја не е нешто ново. Граѓаните се одлучуваат на чекорот да ги спакуваат куферите и да заминат некаде надвор од границите на Македонија уште многу одамна. Поразговаравме со Ѓорги Георгиев – Антика, кој ја напуштил Македонија во 2001 година и вели дека одлуката да се врати назад е потешка од одлуката да замине.
Ѓорги е магистер по театарска режија на Националната академија за театар и филмска уметност „Крстјо Сарафов“ во Софија, Бугарија. Ја напушта Македонија заради студирањето, ама целата околина, театарскиот свет, развојот на кариерата и животот го убедуваат да остане во Бугарија.

Ѓорги Георгиев – Антика
„Природата на моите студии беше таква што не ми остануваше слободно време надвор од обуката – или бев во Академијата или спиев во Студентскиот дом. Многу брзо најблиски и единствени пријатели ми станаа колегите од класата и сето тоа ми беше доволно за обичен и капсулиран живот. Потребите ми се сведуваа до изброените, така да немаше друго кон коешто да се адаптирам, а тоа што го имав ми се допаѓаше. Пак поради природата на студиите, јазикот го совладав брзо, одев и на театар (бесплатно бидејќи, нели, театарски студент) и така снаоѓањето ми беше лесно. А после, во повозрасниот, зрел живот беше и е онолку тешко колку секому и секаде.“ – беше одговорот на прашањето колку е лесно да се снајдеш како студент во друга држава.
Во Бугарија е лесно да се надоградуваш и да напредуваш во областа каде што работи Ѓорги. Тој е актер, пејач, а исто така се занимава и со музика за театар, педагогија во областа на сценските уметности – актерство, сценски говор, глас, пеење, па вели дека нема права линија која води до успех, ама затоа успехот е посладок кога е достигнат по качени скалила.
„Одлуката за враќање назад е потешка од одлуката за заминување. Лично – семејни причини можеби би ме вратиле или предлог за работа што би повел со себе и промена на целата животна перспектива. Инаку за работа би одел и би се враќал „напред – назад“, според ситуацијата.“, вели Ѓорги.
Да се биде човек кој е успешен во повеќе полиња е тешко и доста неостварливо овде, па затоа и сѐ повеќе студенти се одлучуваат за студии во странство со цел да им донесат подобра иднина. Останува само надежта дека тоа ќе се смени и ќе го запре трендот на масовно заминување.