
Јавниот превоз за студентите надвор од Скопје претставува предизвик кој допрва треба да се решава. Доколку сте студент, а не студирате во Скопје вашиот превоз до и од факултет е исклучиво ваш проблем.

Photo by Joshua Fernandez on Unsplash
Јавен превоз претставува заеднички превоз на патници, односно услуги , кои што се достапни за користење, а тоа значи дека има: постојани линии – дневни, сезонски –училишта, екскурзии и вонредни линии. Студентскиот превоз би бил во оние сезонските.
Во Македонија, јавниот превоз во различни градови различно функционира или воопшто не функционира, посебно кога се работи за јавен превоз на студенти.
Во Скопје, како најголем универзитетски град во Македонија, сите редовни студенти, запишани на некој од државните факултети имаат право на користење на студентски бесплатен годишен билет.
Според соопштенијата на ЈСП-Скопје, бесплатниот превоз за студенти е за неограничен број на возења за сите линии – градски и приградски , но не и превоз во ноќна тарифа.
Редовните студенти треба лично да се пријават во ЈСП-Скопје и да ги приложат следните документи : потврда за редовен студент од матичниот факултет, лична карта и индекс и уплатница од 200 денари, еднократен надомест, за изработка на персонализирана картичка ,,Скопска”.
За продолжување на важноста на билетот потребно е студентот да приложи потврда за редовен студент, не постара од еден месец и индекс со запишан зимски семестар.
За жал, студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ја немаат таа привилегија.

Од разговорите со повеќе студенти,од различни градови на Македонија, кои што студираат на УГД Штип, констатираме дека јавен превоз за студенти во Штип нема и дека секој од нив се снаоѓа на свој начин. Речиси сите рекоа дека превозот им претставува дополнителен финансиски трошок.
Се обративме по електронски пат и до локалната самоуправа во Штип. Според информацијата што ја добивме, општина Штип ги донела сите подзаконски акти за воведување на општински линиски превоз на патници. Нареден чекор за реализација и функционирање на мрежата на линии бил избор на најповолен понудувач.
Сведоштво: Kако поради Ковид ја изгубив работата и не можев да им се посветам на моите две деца ?
Во изготвување на мрежата на линии биле земени предвид и потребите во образовниот систем, во кој секако спаѓаат и студентите.
Да се надеваме дека јавниот превоз од наредната учебна и академска година ќе биде успешно реализиран. Јавниот превоз очигледно е потреба, особено за студентите кои се обврзани секојдневно да посетуваат настава на различни делови од градот. Сега за сега тоа е привилегија само за оние студенти во Скопје. Точно е дека во Скопје се запишуваат најголем дел од студените, но од вкупно запишани 51.000 студенти секоја година во Македонија, преку 20.000 се надвор од Скопје.