ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.02.2025
Јазикот не поврзаува со светот

„Се е јазик, и јазикот е се“ е насловот на едукативната работилница со која во Штип беше одбележан Меѓународниот ден  на мајчиниот јазик, 21 февруари.

 

Организацијата на настанот беше на Делегацијата на ЕУ во Македонија со претставништво во Струмица и Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“.

-Целта е на некој начин да им ја доближиме на младите идејата, односно да почнат да размислуваат дека всушност благодарение на јазиците ние правиме еден вид поврзување со другите култури кои навидум ни се далечни, а јазиците ги прават блиски. Се надевам дека нашите денешни гости на Универзитетот, а тоа се младите, ќе почнат да размислуваат во насока дека благодарение на јазиците ние, нашиот личен идентитет, и како граѓани, но и како индивидуалци, можеме на некој начин со него да се претставиме во светот како различни од нив, но доближувајќи се, допирајќи се културно, ние можеме да најдеме многу сличности – изјави проф. д-р Ана Витанова-Рингачева од Катедрата за македонски јазик и книжевност.

Јазикот ни помага да се доближиме со културите и народите во светот

Кога станува збор за јазиците, големо е значењето и на познавањето на странски јазици, потенцираше проф. д-р Драгана Кузмановска од Катедрата за германски јазик и книжевност.

– Брзиот технолошки развој ни наметна една нужна потреба од изучување на странски јазици. Многу одамна ние знаеме за една народна поговорка, мудрост, која нашите предци ја имаат изговорено, дека колку повеќе јазици знаеш толку повеќе вредиш. Еве денес дојде тоа време кога ние сме сведоци на тој факт дека е вистина, дека секој поединец кој владее повеќе јазици може да се најде во повеќе сфери од општеството и да има поголеми придобивки, не само финансиски, туку и општествени, социјално да се развива. Странскиот јазик, всушност, ни нуди многу можности и отвора многу врати кои порано биле затворени. Сега можам и да потсетам на мислата на нашиот патрон Гоце Делчев, кој светот го разбирал како поле за културен натпревар меѓу народите, еве навистина, со помош на странските јазици ние можеме културно да се натпреваруваме во светски рамки – рече проф. д-р Кузмановска.

Проф. д-р Драгана Кузмановска

Дијалектите се богатство на јазикот, но треба граница меѓу дијакет и стандардниот Македонски  литературен јазик

Големо богатство на јазикот се дијалектите, но секогаш треба да се направи баланс во поглед на тоа како ќе се чуваат, а истовремено да се гради стандардниот македонски литературен јазик.

-Дијалектите се едно богатство на јазикот, и јазичната разноликост всушност се пресликува во дијалектите, и тоа е нешто што ние мораме да го негуваме, но мораме и да бидеме критични кога ги учиме учениците и студентите, кога ги поставуваме правилата за изучување на македонскиот литературен јазик, мораме да им кажеме дека природно мора да постават граница помеѓу дијалектот, кој природно си го носат од дома, и литературниот јазик.

Проф.д-р Ана Витанова Рингачева

Кога еден студент станува свесен за тоа, тогаш изучувањето на јазикот оди полесно. Но тука клучна улога имаат просветните работници, од најмала возраст. Од градинките, училиштата, не смее настава да се држи на дијалект. Дијалектите сами по себе се прекрасни, меѓутоа еден наставник не смее да си дозволи настава на дијалект. И затоа ние имаме проблем генерално и со студентите кога доаѓаат, имаат потешкотии во зборувањето на стандардната форма само заради тоа што еден долг период од нивниот живот тие биле изложени на настава која се одвивала на дијалект – изјави професорката Витанова – Рингачева.

Реформа во Агенцијата за квалитет во високо образование
Истражување: Над 60 отсто граѓани поддржуваат пристап кон ЕУ, пад од 20 отсто на перцепцијата за влијанието на САД во споредба со лани