
Нов предлог за студентскиот оброк – ако се усвои, студентите треба да добиваат средства во висина од 1% од минималната нето-плата во државата.
Предлог измените на Законот за субвенциониран студенски оброк се поднесени од пратениците на опозициската политичка партија Левица.

– Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), трошоците на животот во Република Македонија во 2024 година се зголемиле за 3,5% во однос на 2023 година, додека само во групата „Храна и безалкохолни пијалаци“ е регистриран пораст од 2,9%. Особено значаен е порастот на цените во групата „Ресторани и хотели“, каде во 2024 година е забележан раст од дури 9,9%. Во 2025 година инфлацијата продолжи да влијае врз животниот стандард на граѓаните. Според ДЗС, трошоците на животот во 2025 година се зголемиле за 4,1% во однос на 2024 година. Тоа значи дека во период од две последователни години дошло до значително зголемување на трошоците со кои се соочуваат домаќинствата, а особено лицата кои располагаат со ограничени месечни средства – се посочува во законското решение доставено до пратениците.
Според пратениците предлагачи, новото законско решение нуди системски и долгорочно одржлив механизам со кој износот на субвенцијата директно се врзува за економските движења во земјата.
Според предложените измени, дневната финансиска поддршка за оброк треба да изнесува точно 1% од минималната нето-плата во државата и автоматски ќе се зголемува со секое следно законско покачување на минималната плата. На овој начин се спречува идно занемарување на обврските од страна на надлежните институции и се гарантира заштита на студентскиот џеб од инфлацијата.
– Се предлага износот на субвенцијата за субвенциониран студентски оброк да изнесува 1% од минималната нето-плата утврдена во Република Македонија, со обврска за автоматско усогласување на субвенцијата секогаш кога ќе дојде до законско зголемување на минималната плата. Воедно со предложеното решение се исправа сторената неправда во која студентите беа ставени во нееднаква положба во однос на правото на остварување на оваа право. Согласно постојното решение, право на субвенционирање на студенстки оброк имаат само редовните студенти кои по било кој основ не остваруваат приходи поголеми од минималната-нето плата во Република Македонија.
Сумата за студентски оброк можно е да се зголеми од следната година
Вака воспоставената рамка во моментов, прави дискриминирачка поделба и ги става во нееднаква положба студентите кои по својот општествен статус се еднакви и сите спаѓаат под иста категорија – студенти. Оттука, со предлог законот се корегира ваквата состојба и е предвидено сите редовни и вонредни студенти да бидат корисници на правото, за време на целата учебна година – вклучувајќи ги и деновите на празници и викенди, т.е. за целиот период од 1 октомври до 1 јули – се укажува во законското решение.
Со ова според предлагачите треба да се стави крај на досегашната дискриминација меѓу студентите, а финансиската поддршка за исхрана да не биде ограничена само на работните денови, туку студентите да го користат ова право во текот на целата академска година, вклучувајќи ги викендите и сите државни празници во периодот од 1 октомври до 1 јули.