ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
26.02.2026
100 евра и ChatGPT – дали ова е доволно за успех на глобалниот инвестициски пазар?

Разговор со доц. д-р Мила Митрева-Пандева од Економскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

Вештачката интелигенција станува сè поприсутна во светот на финансиите. Од апликации што „оптимизираат“ портфолио до алгоритми што тргуваат наместо вас – прашањето е: дали ВИ е најголемата револуција во историјата на финансиите или само нова алатка во рацете на човекот?

Доц. д-р Мила Митрева

Според доц. д-р Мила Митрева-Пандева, одговорот е некаде во средина.

Секоја технолошка иновација има донесено промени, но за периодот во кој ние живееме, ВИ претставува вистински пресврт и се смета за фактор кој има големо влијание. Сепак, во сегашната фаза не може да тврдиме дека има направено целосно преобликување, туку претставува двигател за напредок и развој на постоечкиот систем. Несомнено, човечкиот фактор е сеуште пресуден во финансиското одлучување“, вели проф. Митрева.

Во моментот, ВИ најчесто се користи за:

  • управување со инвестиции и оптимизација на портфолио
  • кредитно бодување и проценка на ризик
  • алгоритамско и дневно тргување
  • детекција на измами и сомнителни трансакции

Професорката проценува дека алгоритмите можат да обработат огромни количини податоци и да идентификуваат шеми што човечкото око тешко ги забележува. Нивната најголема предност е брзината и способноста за анализа во реално време.

Но, според професорката, тие немаат предност во долгорочно предвидување на пазарните движења.

Алгоритамот работи на основа на претпоставки базирани на минати податоци и кај алгоритамот нема психолошки момент. Иако ВИ помага на младите полесно да ги разберат концептите како инвестирање, тргување, движењата на финансиските пазари и сл., сепак финансиската писменост и формално финансиско знаење се клучни во процесот на носење разумни одлуки и одржливо инвестирање. “, објаснува таа.

Дали младите сега имаат поголема шанса?

Со појавата на паметни апликации, инвестирањето никогаш не било подостапно. Денес е доволно да имате телефон и интернет.

Но дали тоа значи дека секој може лесно да успее?

ВИ не го 100% намалува ризикот, туку помага, со наше знаење во областа да можеме сами за расудуваме и да препознаеме. ВИ во оваа фаза не може да го замени формалното финансиско познавање, може да го надополни и да ни помогне поефикасно да работиме на финансиските пазари.“, нагласува Митрева-Пандева.

 Лажна сигурност или реална помош?

Многу млади веруваат дека алгоритмите можат да „го победат“ пазарот. Но ВИ не го елиминира ризикот.

Образованието често се смета за клуч за успех, што е особено важно во светот на инвестирање и тргување. За да се изградат цврсти вештини во овие брзо менувачки и променливи пазари, неопходно е да се има солидна основа на знаење“, вели професорката.

Брзиот пристап до информации носи и опасност од импулсивни одлуки. Во свет каде што тргувањето се извршува за секунди, непромислената реакција може да има сериозни последици.

За да не биде „заменет од алгоритам“, студент по економија денес мора да има:

  • институционално и системско разбирање на економијата
  • способност за критичка анализа
  • разбирање на ризик и принос
  • познавање на бихевиористичките финансии

Проф. Митрева во овој контекст истакнува цитат од економистот Gary Becker:
„Човечкиот капитал е како физичкиот капитал: може да се акумулира преку инвестиции.“

Во свет каде што алгоритмите стануваат сè попаметни, вистинската предност не е апликацијата – туку знаењето. Професорката Митрева потенцира дека вештачката интелигенција може да ви даде алатка. Но не ви дава стратегија. Може да ви помогне да анализирате. Но не може да преземе одговорност наместо вас. Ако сакате да инвестирате – прво инвестирајте во сопственото знаење.

Младите сè повеќе се соочуваат со анксиозност и несигурна иднина
Науката ја поместува границата — и ја менува дефиницијата за „млад“