Наставата во некои училишта да се организира во една смена, претшколското образование да влезе под МОН – планови за образованието во наредниот период.
Министерството за образование и наука анализира во кои училишта има услови наставата да се организира во една смена.
-Некои училишта можат тоа да го изведат и сега, но некаде се работи во две или три смени. Во моментов во Министерството се прави анализа, по што, онаму каде што има услови, ќе побараме да се работи само во една смена. Ова е значајно не само затоа што е поприродно учениците наутро одморени да доаѓаат на настава, туку и затоа што овозможува подолг престој на учениците во училиште и реализација на многу дополнителни наставни и воннаставни активности. Оваа практика во светот се покажала како многу корисна, изјави Јаневска во разговор за Радио МОФ.
Според министерката, „наставниците можат да ја користат слободата во процесот на поучување и со примена на разни методи, дидактички средства и слично, да ги реализираат наставните и воннаставните активности, со цел подигнување на квалитетот на образованието“.
Јаневска соопшти и дека план е претшколското образование, „во некое догледно време“, да влезе под ингеренции на МОН. Министерството ќе работи на обезбедување услови за да може повеќе деца да посетуваат градинка. Ќе се работи и на приспособување на програмите за воспитно-образовна дејност во градинките.
Народниот правобранител повикува на посветеност на образованието на децата
-Новата Влада ќе направи сѐ што е во нејзина можност да го намали чекањето за упис во градинките, вели Јаневска. Според неа, приватните градинки се едно од решенијата за овој проблем.
-Во градинките или е преголем бројот на згрижени деца или воопшто нема градинки. Веќе сме сведоци дека локалните самоуправи почнуваат да го решаваат тој проблем. Приватните градинки се едно од решенијата за проблемот со чекањето за упис. Не верувам дека се достапни за сите граѓани, но очекувам дека ќе го намалат притисокот во државните градинки, рече Јаневска.