
Минатата година во Македонија биле регистрирани 89 случаи на самоубиства – дури 68 мажи и само 21 жена. Овие бројки јасно покажуваат една загрижувачка реалност: мажите многу почесто си го одземаат животот од жените. Иако тие се соочуваат со повисок ризик, многумина избегнуваат да побараат помош поради стигмата дека „мажите не смеат да бидат слаби“ или дека треба сами да се справат со своите проблеми.
Токму за да ја разбие оваа стигма и да го поттикне разговорот за машкото здравје, во светот и кај нас се одбележува „Мовембер“ (Movember) — месецот посветен на машкото физичко и ментално здравје.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, мажите во Македонија се соочуваат со значително поголем ризик од самоубиство. Ова не е само македонски тренд – истата состојба се бележи и во светот, каде што мажите имаат три до четири пати поголема веројатност да извршат самоубиство во споредба со жените.
Причините се комплексни, но најчесто се поврзани со општествените очекувања, тишината и стигмата околу менталното здравје. Мажите поретко бараат психолошка помош, избегнуваат да зборуваат за емоциите и често ги потиснуваат проблемите.
„Мовембер“ има цел да ја разбие оваа тишина. Кампањата ги охрабрува мажите да зборуваат отворено, да побараат поддршка и да се грижат за своето ментално здравје исто колку и за физичкото. Преку програми и иницијативи се создава безбеден простор каде што мажите можат да споделуваат искуства и да добијат помош.
„Мовембер“ е меѓународно движење што секоја година се одвива во текот на ноември, со цел да се подигне свеста за здравствените проблеми кај мажите – рак на простата, рак на тестисите, ментално здравје и превенција од самоубиство.
Името доаѓа од комбинацијата на англиските зборови moustache (мустаќи) и November (ноември), а пуштањето мустаќи е симболот што ги обединува учесниците низ целиот свет.
Движењето започнало во 2003 година во Мелбурн, Австралија, кога група пријатели познати како „Оригиналните 30“ одлучиле да пуштат мустаќи за да привлечат внимание кон темата за машкото здравје. Денес, „Мовембер“ е глобална иницијатива со милиони поддржувачи во над 20 земји, меѓу кои и Македонија.
Организатор на оваа глобална кампања е фондацијата Movember, непрофитна организација што финансира програми и истражувања за подобрување на здравјето на мажите.
Институтот за јавно здравје годинава ќе го одбележи „Мовембер“ со различни активности во текот на целиот месец. Секоја недела ќе биде посветена на различна тема: менталното здравје, физичката активност, правилната исхрана и општествениот притисок што го чувствуваат мажите.
„Целта е пошироко да ја кренеме свесноста за сите проблеми со кои мажите се соочуваат во текот на животот, а не само да се фокусираме на ракот на простата“, велат од Институтот.
„Мовембер“ не е само симболичен мустаќ – тоа е повик до сите мажи да се грижат за себе, да зборуваат, да не молчат.
Во време кога бројките покажуваат дека мажите се најранливата група кога станува збор за самоубиство, разговорот може да спаси живот.