ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
07.12.2021
28 години од смртта на Блаже Конески
Автор: Goce Author

На 7 декември 1993 г. почина истакнатиот македонски книжевен и културен работник, академик Блаже Конески. Конески по својата струка бил поет прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а како една од најзначајните негови дејности се смета учеството во кодифицирањето на современиот македонски литературен јазик.

Неговото прво дело е поемата „Мостот“, која ја објавил непосредно по војната во 1945 година, а потоа следуваат „Земја и љубовта“, „Песни“, насекаде познатата „Везилка“, „Лозје“, „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Светото на песната и легендата“ и други.

Конески е исто така и автор на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на „Граматика на македонскиот јазик“, „Историја на македонскиот јазик“, „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската поезија“, „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“. Покрај другите награди, добитник е на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1981 година.

Во 1967 станува член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и е нејзин прв претседател (до 1975). Исто така бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 година и негов прв претседател. Работел и  како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“, а бил и редовен соработник на списанието „Современост“.

А по повод денешниот ден, и премиерот Зоран Заев се обрати преку својот Фејсбук профил, потсетувајќи за делото на Конески.

“Со неговата „Граматика на македонскиот литературен јазик”, заедно со останатите македонски лингвисти, учествуваше во кодификацијата на македонскиот јазик донесена во спроведувањето на одлуката на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен во новоформираната македонска држава.”, стои во објавата.

Науката открива: Дружењето навистина го продолжува животот
Македонските научници на едно место: Порталот „е-наука“ може да ти донесе меѓународна соработка, бизнис-партнери и финансирање