
Во период од пет години, македонското образование „изгубило“ 5.431 ученик, а во истиот период, дури 30 училишта во државата се затвориле. Евидентен е трендот на контиинуирано намалување на бројот на ученици-основци, според бројките кои ги објавува Државниот завод за статистика (ДЗС), но државата засега нема стратегија за решавање на овој долгогодишен проблем.
Во учебната 2021/2022 година, во државата имало 973 училишта и 187.555 ученици, а овие бројки пет години подоцна се 943 училишта и 182.124 ученици. Се работи за подрачни училишта во руралните средини каде што и онака бројот на ученици е многу мал, а децата учат во комбинирани паралелки.
За тоа, кои се причините за овој негативен тренд, поразговаравме со м-р Дончо Герасимовски, демограф, аналитичар и поранешен директор на ДЗС, кој самостојно и редовно ги следи трендовите кои се однесуваат на наталитетот и образованието во државата.
„Прво, причина за ова е намалениот наталитет. Се раѓаат малку деца. Во 7 од 8 региони во земјава имаме негатвен природен прираст. Во повеќе од 60 отсто од општините има намален наталитет, а тоа силно влијае на бројот на учениците, посебно на оние кои се запишуваат во прво одделение. Од 2019 година наваму, имаме негативен природен прираст, тоа значи дека по природен пат се намалува бројот на населението“, вели Герасимовски, кој додава дека проблемот со наталитетот го имаат и развиените земји, но кај нас е драстична разликата затоа што сме мала земја со мал број население.
Друг важен фактор за се помалиот број основци во училиштата, е иселувањето на младото население.
„Од државата се иселува претежно младото население. Расте бројот на население на живородени деца надвор од земјата. Годишно, во просек, по 1.000 деца се раѓаат во странство. Има 10 општини во Македонија каде има повеќе живородени деца во странство одошто во Македонија, такви се Пласница, Маврово-Ростуше, струмичко Ново Село“, потенцира Герасимовски.
Извор: Мета.мк