ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
16.04.2024
379 млади се јавиле на бројот за емотивна поддршка „Ало Бушавко“
Автор: Goce Author

Вкупно 307 дојави за проблеми со ментално здравје, повреда, семејни односи и пристапност, во кои се опфатени 379 млади изминатата година, се дел од годишниот извештај „Ало Бушавко“ на Првата детска амбасада „Меѓаши“. Десет од дојавите, како што информираа на денешната презентација на извештајот, се однесувале на мисли за одземање на сопствениот живот.

Во воведните обраќања, Клементина Добревска, координаторка на СОС телефонот, ги образложи бројките од извештајот при што информираше дека во текот на 2023 годинапо добиените дојави се остварени 619 разговори.

Според возрасната група, најмногу од дојавите се однесувале на деца на возраст од 13 до 15 години, потоа од 10 до 12 и на трето место по зачестеност на дојавите се за деца на возраст од 7 до 9 години. Возраста не е позната за 212 деца.

Според средината на живеење на јавувачите, најголемиот број од децата, или 197, живеат во урбана средина, 33 деца се опфатени со дојавите од дојавувачи кои живеат во рурална средина, непозната е средината на живеење на 149 деца кои се опфатени со дојавите. Бројот на јавувачите од руралните средини, како и во претходните години, останува многу мал во однос на бројот на јавувачите од урбаните средини.

Во однос на етничката припадност на јавувачите, 230 од вкупниот број јавувачи се Македонци, 14 Роми, а 33 јавувачи се од албанска етничка припадност. Само 2 од контактите (дојавите) се од јавувачи во останати (етнички групи) и за 26 лица не е позната етничката припадност.

Причините заради кои се обратиле на „Ало Бушавко“, пак, се однесуваат на ментално здравје, повреда, семејни односи и пристапност, а во поретки дојави има и други причини за дојава.

Во рамките на менталното здравје, најголем дел од дојавите се однесуваат на емоционална вознемиреност – проблеми со гнев, страв и вознемиреност, проблеми со расположение кои се јавуваат како последица од другите категории на проблеми пријавени на „Ало Бушавко“.

Во однос на повреда, поголем дел од дојавите се однесуваат на проблеми од категоријата на ментално/емоционално насилство, физичко насилство и занемарување (негрижа).

Во делот на семејни односи, дојавите се однесуваат на проблеми и прекршување на правата што спаѓаат во категоријата семејни односи, а во врска со пристапноста, има опфатено повеќе категории проблеми и тоа пристап до образование, основните (суштински) потреби што не им се достапни на децата и проблеми со пристап до здравствена заштита, правни услуги и социо-економски услуги.

Според извештајот, изминатата година е зголемен бројот на дојави за самоубиствени мисли и самоубиство.

Ало Бушавко, претходно познат како СОС телефон за деца и млади, во рамките на Првата детска амбасада во светот “Меѓаши”, формиран 1993 година, е прв телефон за деца и млади во Македонија. Ало Бушавко при Меѓаши е место каде децата и младите може да разговараат за своите чувства, проблеми, ситуации кои не ги разбираат, да пријават прекршување на некое нивно право или да се информираат за работи од нивен интерес или за своите права. Целта на СОС линијата е да се заштитат правата на децата и младите и да се даде психолошка поддршка преку разговор.

(Видео) Жртва од Јавна Соба: И после три години се чувствувам злоупотребено и незаштитено
Како функционираат онлајн шопинг измамите: Ви продаваат погрешен производ, а потоа ве блокираат