ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.08.2022
38 луѓе виделе убиство, а никој не пријавил?

Колумна


Во 1964 година во Њујорк жена со име Кити Џеновезе била брутално убиена пред нејзината зграда. Две недели после убиството познатиот Њујорк Тајмс пишува дека 38 луѓе или го виделе или го слушнале нападот, но ниту еден од сведоците не пријавил во полиција ниту се обидел да помогне. Од тогаш ваквата појава во психологијата се нарекува „Ефект на набљудувач“ – тоа е момент кога сите мислат дека некој друг треба да помогне. Овој ефект се изучува во сите светски универзитети по психологија.

Њујорк Тајмс во тоа време напишал дека најмалку 38 луѓе ги слушнале повиците за помош од беспомошната жена, но според полицискиот извештај никој од нив не пријавил во полиција. Полицијата од Њујорк го информирала весникот дека сите сведоци кои знаат нешто за настанот не ја повикале полицијата и тие пристигнале многу доцна на местото на настанот, а како резултат на тоа Кити починала на лице место.

Сето ова ја потврдува тезата дека луѓето секогаш мислат дека некој друг ќе ја заврши работата, и тоа го потврдува „Ефектот на набљудувач“. Многу бесчувствително нели?

Штом е официјално мора да е вистина?

Официјалниот полициски извештај за 38 сведоци мора да е точен зар не? Се испостави дека најверојатно не е точен.

Долги години после случајот со Кити Џеновезе истражувачи доаѓаат до заклучок дека веројатно полицијата од Њујорк тогаш излажала. Според нови откритија луѓето кои виделе, а не помогнале веројатно се само двајца, а вистината е и дека луѓето всушност повикале полиција. Самуел Хофман е еден од сведоците кои веднаш пријавил. Тој поминал 3 или 4 минути на телефон чекајќи да го добие диспечерот во полиција за да го пријави настанот. Многу е веројатно дека полицијата дала лажни информации на новинарите за да го оправдаат своето задоцнето пристигање на местото на убиството. Веројатно е дека кога новинарите ги прашале „Зошто толку доцна пристигнавте?“ нивниот одговор бил дека „Никој не пријавил“ и самиот полициски службеник сакајки да прикрие зошто полицијата пристигнала толку доцна ја измислил бројката од 38 сведоци.

Набргу информацијата дека луѓето во Њујорк се бесчувствителни се проширила на насловните страници низ целиот свет.  Новинарите ја објавувале бројката од 38 сведоци без притоа самите да ја проверат. Ова се случува многу често во новинарството. Во теоријата тоа се нарекува „информациона каскада“ – термин позајмен од економијата кој поедноставено значи дека луѓето преземаат акција само според нешто што слушнале од други луѓе.

Тоа во македонското новинарство се случило многу пати

Поранешниот премиер излезе на официјална прес конференција и кажа дека жолти комбиња вршеле прислушување. Актуелниот премиер од авион објави селфи и информација дека Македонија доби датум за преговори. Големите медиуми објавија и сите други без минимална проверка ја пласираат истата информација. Новинарите се водат од правилото –  „Премногу добро за да се проверува“, така јавноста добива впечаток дека е нешто вистина.

Со примерот за Кити Џеновезе и сличните во Македонија сакам да покажам дека официјалните претставници, извештаи или изјави не мора секогаш да се точни, тие се само официјални. Воедно од вакви примери се гледа дека оние кои имаат интерес од лажните вести и ширењето лажни информации во најголем случај се официјални претставници, или властодршци.

Тезата која ја застапувам е дека новинарите немаат интерес од ширење на лажни вести, и дека колку – толку се тренирани да трагаат по вистината. На факултет, на сите школи и курсеви им се става во главата дека работата на новинарите е да се занимаваат со вистината. Од друга страна, политичарите, службениците, началниците, раководителите,  особено оние кои доаѓаат од хиерархијата на партијата, оние кои го поминале партискиот тренинг,  умот им е истрениран дека нивната партија треба да е на власт, да дојде на власт и таму да се задржи што е можно подолго. Затоа тие го имаат интересот да лажат, да кријат информации, да ја прикриваат својата неспособност, а не новинарите.  Тие тешко ја разликуваат вистината од лагата, партиските послушници и властодршци не ја сфаќаат важноста на вистината за самите нив и за сите останати. Новинарите можат само да бидат доволно мрзливи да проверуваат, што не ги ослободува од одговорност, но сепак тие немаат интерес да ја лажат јавноста.  Затоа јавноста мора да знае од каде доаѓа опасноста.

Колумната оригинално е објавена на блогот: http://igorstojanov.blogspot.com/2021/04/38.html 

Мојот Став: Колку чини еден студентски сон?
(Аудио) Мојот Став: Образование без редослед