
Штип повторно ќе биде центарот на македонската музика! На 23, 24 и 25 октомври, во Домот на културата ќе се одржи јубилејното, 40-то издание на „Макфест“ – најпознатиот фестивал на забавни мелодии во земјава.
По четири децении постоење, организаторите решија јубилејот да трае три вечери, наместо две, како што беше традиција изминатите години.
„Оваа година ќе имаме и специјална трета вечер посветена на најголемите хитови од историјата на ‘Макфест’. Ќе ги слушнеме песните што ја обележаа фестивалската сцена низ сите четири декади“, изјави Јован Јованов, член на уметничкиот совет.
Меѓу најавените изведувачи на ретро-вечерта се Тања Кочовска, Владо Јаневски, Ристо Самарџиев, Ламбе Алабаковски, Пајак и Лара, Мики Јовановски Џафер, како и групата „Силви бенд“.
Како и секогаш, фестивалот ќе понуди комбинација од нови пејачки имиња и познати македонски изведувачи.
На првата, дебитантска вечер ќе настапат 13 изведувачи, додека на втората, популарна вечер – 14 музичари од различни жанрови.
„Сакаме секој да најде нешто по свој вкус – од поп и рок, до модерна и алтернативна музика. ‘Макфест’ отсекогаш бил место каде што се среќаваат генерации и стилови“, вели Роберт Саздов, дел од организацискиот тим.
Фестивалот годинава има ревијален карактер, а ќе биде доделена само една награда – за најслушана песна меѓу двата фестивала. Победникот ќе биде објавен на 15 октомври, на официјалната прес-конференција во Штип.
Организаторите најавуваат дека продукциски, фестивалот ќе изгледа „светски“, со посебно внимание на сценографијата и осветлувањето.
„Оваа година навистина сакаме ‘Макфест’ да изгледа достоен за јубилејот. Благодарност до градоначалникот Иван Јорданов и продуцентот Александар Арсовски од Општина Штип за поддршката“, додаде Саздов.
За сите што нема да можат да бидат дел од публиката, Македонската телевизија (МТВ) ќе врши директен пренос од сите три вечери.
Со овој јубилеј, Штип уште еднаш ја потврдува својата титула како град на музиката и фестивалите, каде што генерации пееле, аплаудирале и создавале хитови кои траат со децении.