ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
20.04.2022
40 години од смртта на Ацо Шопов
Автор: Goce Editor

Ацо Шопов е академик, преведувач и еден од најголемите поети во Македонија.

Роден е на 20 декември 1923 година во Штип, починал во Скопје на 20 април 1982 година.

Македонската повоена поезија се дели во три фази кои ги следи и Шопов.
Во првата фаза, која ги опфаќа годините по војната, тој пишува борбена и патриотска поезија, во која сè е подредено на татковината. Тука спаѓаат збирките: Песни“, Пруга на младоста“ (заедно со Славко Јаневски), Со наши раце“, На Грамос“.
Следејќи ги тековите на модерната поезија, во следната, втора фаза пишува интимна лирика. Мотивите се: човековото битие, минливоста и смислата на животот. Тука спаѓаат збирките: Стихови за маката и радоста“ и Слеј се со тишината“.

Во последната фаза, поезијата на Ацо Шопов е исполнета со интровертност и автобиографски елементи во која спаѓаат збирките: Ветрот носи убаво време“, Небиднина“,  Гледач во пепелта“.

На 40 годишнината од неговата смрт ја споделуваме  поемата со која Ацо Шопов ја отвара темата на зборот во македонската поезија „Раѓање на зборот“:

РАЃАЊЕ НА ЗБОРОТ
Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Камена шума
изѕемнина.
Глужд на глужд.
Камен врз камен,
од камен и ние обата.
Чади ноќта.
Зборот се двои од темнината.
Модар јаглен му гори во утробата.
О ти што постоиш зашто не постоиш,
небото го лулаш,
земјата ја вртиш.
О ти што постоиш зашто не постоиш,
земјата јачи под камени плочници.
Иде замелушен од своите смрти
Зборот што ги крши сите слепоочници.
Глужд на глужд.
Камен на камен.
Својот гроб со прокуда го копам.
Отвори ме
проклетио,
ти тврдино камена,
да изгорам во јагленот на зборот,
да се стопам.
Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Здравствени политики за сите