Некогаш Бушава азбука, пред тоа во некои други времиња Бранко Коцкица, па специјализирани емисии за децата како Зимска образовна програма, па популарните Ѕвон, Пулсирања…. тоа се само дел од синонимите за тоа како треба да изгледа телевизиската програма наменета за децата. Дури, не е неважно и какви цртани филмови се емитуваат, па неретко ќе наидете на полемики за тоа какви цртани се емитувале некогаш (со едукативна содржина, без насилство, без агресија), наспроти денешните. Па сите ќе се сетат на „Мечето ушко“, на Том и Џери, Балтазар… и потоа ќе започнат дебатите за тоа какви пораки испраќале Телетабиси, а да не зборуваме за дел од цртаните филмови кои изобилуваат со насилство.
Дека имаме проблем кога станува збор за телевизиските програми за деца, потврди и најновото истражување „Анализа на родовите аспекти во ТВ програмите за деца на националните терестријалнителевизии“, кое го изработи Институтот РЕСИС за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Основниот заклучок од ова истражување, кое беше презентирано на дебата организирана од АВМУ, а во рамките на Деновите на медиумска писменост, е дека повеќето телевизии немаат јасно осмислен концепт за тоа на кој начин, преку кои програми им се обраќаат на децата и не водат сметка за тоа својата идна публика да ја култивираат од мали нозе. Според Зоран Трајчевски, директор на АВМУ, клучните забелешки од анализата се дека јавниот сервис води планирана и осмислена програмска политика во однос на детската популација, но оваа констатација многу повеќе важи за МРТ1, отколку за МРТ2 – програма на албански јазик, затоа што на овој сервис програмата за деца само делумно го има потребниот варијетет.
Кога станува збор за комерцијалните телевизии на државно ниво, ситуацијата е далеку од добра.
– Наодите покажуваат дека не постои осмислен и внимателен уредувачки пристап во изборот на емисии наменети за различни возрасни сегменти на малолетната публика, при што има многу помалку емисии за деца отколку кај јавниот сервис. Најмногу емисии за деца беа емитувани на ТВ Сител, па Канал 5, на ТВ Телма емитувани беа само неколку изданија на една емисија, што во извесна мера важеше и за ТВ Алсат М, а ТВ Алфа во анализираниот месец воопшто немаше емитувано емисии за деца, рече Трајчевски.
Директорот на АВМУ истакна дека недостигот од концепција се потврдува и во прикажувањето на родовите улоги.
– Во играните програми од домашно производство доминираат серии во кои се емитираат патријархалните сфаќања за родовите улоги на општеството од 19-тиот век, а при тоа недостигаат емисии со современи гледишта во кои родовите прашања се третираат од либерална позиција. Од друга страна, играните програми од странската продукција се преземаат без да се има предвид дали се тие дел од некаква франшиза, продажба на кукли, видео-игри, детска школска опрема и други производи со што кај децата се развива конзумеризмот. Овие емисии изобилуваат со тешко достижни идеализирани прикази на женските и машките тела, нагласи Трајчевски. Тој потенцираше дека анализата донела и показатели за родовите аспекти во музичките, разговорните и мешаните емисии за деца, како и конкретни препораки за јавниот сервис и за комерцијалните телевизии. – Во овој општ сублимат на анализата може лесно и едноставно да се пронајде и одоговорот на поставеното прашање „Градиме ли критичка свесност кај децата?“. Прашањето може и да се парафразира – „Дали медиумите градат од младата публика јавност која е критички свесна и медиумски писмена?“