
Шеесет средношколци биле отстранети од полагањето на државната матура откако биле фатени дека користат мобилни телефони за време на испитите. Нивните тестови се поништени, што значи дека добиваат оценка еден, а дел од нив ќе имаат можност повторно да полагаат во августовскиот испитен рок.

Според директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска Михајловска, оценувањето на тестовите и обработката на резултатите се во тек, а конечните резултати од јунската државна матура ќе бидат објавени најдоцна до 11 јули.
„Во текот на јунското тестирање, околу 60 ученици беа откриени со мобилни телефони и беа отстранети од испитот. Нивните тестови се поништени, што значи имаат единица. Доколку не се однесувале недолично кон тестаторите или набљудувачите, ќе можат повторно да полагаат во август. Во спротивно, ќе добијат забрана за полагање во август и ќе можат повторно да полагаат дури следната година“, изјави Јовчевска Михајловска.
И оваа година државната матура се полагаше во големи простории – амфитеатри, спортски сали и холови, со цел да се обезбеди поголема објективност и да се намалат можностите за препишување.
На 6 јуни матурантите полагаа странски јазик или математика, во зависност од изборот, додека испитот по мајчин јазик се одржа на 11 и 12 јуни.
Годинава за првпат беа применети изменети испитни програми за учениците од стручното и уметничкото образование. За разлика од претходните години, тестовите не беа идентични за сите матуранти, туку беа прилагодени според наставните програми за гимназиско, стручно и уметничко образование.
Случаите со препишување на државната матура не се новост. Пред три години, при оценувањето на тестовите по англиски јазик, беа откриени околу 3.100 ученици кои користеле плагирани есеи преземени од различни веб-страници. Во тие случаи, есеите беа оценети со нула поени, но учениците имаа можност повторно да полагаат доколку не го положиле испитот.
Положената државна матура и понатаму останува задолжителен услов за запишување на факултет. Учениците кои полагаат државна стручна или државна уметничка матура ќе можат да ги продолжат студиите на соодветни сродни високообразовни установи.