Мал дел од студентите изјавиле дека купиле семинарска / дипломска работа во текот на своите студии во анкетата која ја спроведе гоце.мк на својот вебсајт. Купувањето на семинарски и дипломски работи беше тренд некое време и често за ниски суми можеше да се најде онлајн луѓе кои изработуваат семинарски или дипломски работи.
Поради ова гоце.мк спроведе анкета и ги праша актуелните студенти дали некогаш купиле семинарска односно дипломска работа. На анкетата одговориле околу 50 студенти, што е далеку од репрезентативен примерок, но сепак е некаков индикатор за оваа проблематика.
Од анкетираните 58,3% одговориле дека никогаш не купиле семинарска работа, 35,4% одговориле дека тие самите не купиле, но знаат некој што купил, а само 6,3% одговориле дека купиле семинарска/дипломска работа.
На прашањето дали би купиле некогаш семинарска 77,1% одговориле дека никогаш не би купиле семинарска или дипломска работа, 16,7% одговориле дека би купиле некогаш, а 6,3% одговориле не знам.
Купувањето и продавањето семинарска / дипломска работа спаѓа во доменот на илегални активности и самите факултети и универзитети ги санкционираат ваквите појави.