
Септември е месец на превенција на самоубиство. За овој општествен проблем ретко се разговара со аргументи и ретко се пристапува како сериозен проблем кој бара итно решение.
За жал, во последните неколку години стапката на самоубиства ширум светот е зголемена. Според Светската здраствена организација (СЗО) и статистичките податоци од 2019 г., 700.000 луѓе на глобално ниво се самоубиваат секоја година, а бројот на обиди за самоубиство е двојно поголем.
Се смета дека 77% од самоубиствата се случуваат во неразвиените и земјите во развој. Со ова, самоубиството е 17 по ред причина за смрт во светот, а четврта кај младите од 15-29 години.
Photo by Adrian Swancar on Unsplash
Најголемите фактори кои влијаат кај младите се психичките растројства, поточно депресијата и ненавременото справување со неа. Потоа доаѓа и стресот и притисокот предизвикани од финансиски проблеми, прекинување на долгогодишна врска или брак, соочување со тежок здравствен проблем или пак соочување со дискриминација, најмногу кај мигрантите и припадниците на ЛГБТ+ заедницата. Улога зазема и современото општество и добата на технологијата, каде многу од младите се соочуваат со cyber bulling и вообичаеното малтретирање од врсниците. Многу од возрасните не придаваат никакво значење на улогата на менталното здравје кај адолесцентите и ваквото игнорирање може да заврши фатално.
Во Република Северна Македонија, според статистиките од 2018г., 164 луѓе годишно решиле да стават крај на својот живот, со што како причина за смрт, самоубиството е на 16 место во РСМ. Се претпоставува дека фактор за ова се финансиски проблеми и долгови, а веднаш потоа и присуството на психичките растројства и недоволната едукација на околината за значењето и справувањето со проблемите на менталното здравје. Во многу од земјите ширум светот е поставена СОС линија за спречување на самоубиство, што не е и случај во нашата земја. За сега, во РСМ нема активна линија, а дури од оваа година се направени некои чекори за поставување стратегија против обидите за самоубиство, како што беше обуката на здравствените и работниците од Затворот во јуни 2021.
10 септември се смета како светски ден за превенција на самоубиство, па СЗО и другите организации, потсетуваат дека треба да се преземат мерки за спречување на самоубиството на индивидуално и популационо ниво. Сите треба да се запознаени со ризичните фактори и колку е важно навременото преземање иницијатива, како и ширењето свесност за улогата на менталното здравје.