
Во Македонската амбасада во Брисел, на свечен начин беше одбележана 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Настанот вклучуваше читање поезија од Блаже Конески и Славко Јаневски, настап на групата Љубојна, како и обраќања од значајни културни и дипломатски личности.
Сузана Мехмеди, вршителка на работите во Амбасадата на Македонија во Белгија, истакна:
„Овој ден не е само симбол на јазична норма, туку и на културна самобитност, бидејќи јазикот не е само средство за комуникација, туку и простор во кој се вградени мислите, чувствата и колективната меморија на еден народ.“
Таа додаде дека со ова чествување симболично се одбележува и денот на светите браќа Кирил и Методиј, кои со глаголицата ги поставиле темелите на словенската писменост.
Маја Дамјановска-Момироска, извршна директорка на Европската асоцијација за применети науки во високото образование, порача:
„Вечерва не славиме само јазик, славиме чин на државност. Славиме еден од најважните моменти во македонската историја – денот кога нашиот јазик доби правопис, своја граматика и свои јасни правила.“
Таа нагласи дека македонскиот јазик „не знае граници, но знае корени“, и повика тој да биде присутен во светот на младите, за да прерасне во нивен внатрешен глас.
Во програмата учествуваа и Јана Јаневска Терзиовска, ќерка на академик Славко Јаневски, како и актерката и продуцентка Лабина Митевска, која читаше поезија.
Настанот испрати порака дека македонскиот јазик е жив, современ и европски. Во време на чести шпекулации и политички контроверзии за неговиот статус, оваа свеченост покажа дека македонскиот не само што се говори – туку се слави во Европа.