ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
20.12.2023
100 години Ацо Шопов – аристократ на македонската литературна сцена

“Три дена на раци те носевме збрана,
три дена – со тага на погледот срчен,
и секоа капка од твоата рана
ко крвава жар ми капеше в срце…”

-Почетните стихови од песната која сите ја имаме прочитано барем еднаш во животот. Стихови од најпознатата песна на неповторливиот Ацо Шопов.

Ацо Шопов

Денес се враќаме еден век назад, за да му одбележиме роденден на извонредниот Ацо Шопов.

Незаборавниот поет во литературните води запливал како дваесетгодишник, кога штотуку завршувала Втората светска војна, овој млад партизански војник ја заменил пушката со перо. Иако живеел само 59 години, Шопов успеал да собере бодови за една бурна биографија и успеал да се издвои како историска личност во национални размери.

Ацо Шопов (заедно со Блаже Конески и Славко Јаневски) се вбројува во основоположниците на првата регуларна етапа во историјата на македонската литература. Изненадувачки е текот на македонската поезија по која поетот многу лесно се движи во постојан подем и се’ во нагорна линија. Покрај тоа што творел, Шопов, на македонски има преведено дела од светски писатели (Шекспир, Едмон Де Ростан, Крлежа, Крилов…) што ја покажува сериозноста и важноста на овој поет во градењето на македонското творештво.

Како изворен поет на една млада национална библиографија, тој, на македонската повоена литература ѝ втиснува нова димензија на евроцентризам. Неговите записи сведочат дека ce раскрилувал храбро и гордо во своето време, без страв пред височините, без зазор кон широчините на пространството наречено литература, со љубопитства колку за два човечки животи. Toj е поет на револуцијата, нејзин гласноговорник. Очигледно дека НОБ, нему не му била само тема, туку судбина и суштина. Toj проговорил како воин на Револуцијата, од нејзините почетоци.

Ацо Шопов во македонската литература е маестрален автор. Особено во подоцнежните етапи на неговиот поетски развиток. Има лик на наш литературен аристократ, кој ja одбрал поезијата за животна сопатничка.

Ацо Шопов е беспрекорна илустрација на народослужител: со пушка и со збор ги раскрили видиците на македонската иднина, инвестираше во неа богатства на духот, вложил многу свое, како белег на состојбите што ce неповторливи и незаменливи. Ги даде сите свои расположиви духовни и физички потенцијали за едно наше пресвртно време и за една наша огромна вистина–да бидеме она што сме и да векуваме на овие простори како свои на своето. Тоа ce пораките на неговиот животен подвиг и на неговиот творечки опус. На сите нам тој ни остава завет да си ја сакаме татковината и да веруваме дека и литературата како уметност на зборот е еден волшебен простор на таа татковина.

Правната клиника во Штип: Бесплатна правна помош за граѓаните и можност за студентите да учат преку пракса
Прим. Д-р. Мери Шорова: Прва помош при состојба на пожари и изгореници