
Скопје ќе биде домаќин на еден од најпопуларните балкански медиумски проекти – подкастот „Агеласт“. На 31 мај (сабота), со почеток во 20:30 часот, во просториите на Јавна Соба, македонската публика ќе има ретка можност да присуствува на живо издание на овој култен подкаст, предводен од авторот и водител Галеб Никачевиќ.
„Агеласт“ е познат по својата отвореност, критички пристап и искрени разговори за теми од политиката, културата, општеството и секојдневниот живот. Скопското гостување ќе понуди ексклузивен поглед зад сцената – процесот на продукција, инспирацијата зад највлијателните епизоди и најзапаметените моменти од повеќе од 200 емисии.
Публиката нема да биде само пасивен слушател – таа ќе има можност активно да учествува во дискусијата, да поставува прашања и да се вклучи во разговорите со екипата на подкастот. По официјалниот дел, ќе следи простор за неформално дружење и размена на мислења.
Бројот на билети е ограничен, а заинтересираните можат да ги набават преку платформата anekta.mk.
Ова е втор настан во организација на Anekta Events, по успешниот настап на „Њуз Нет“, кој привлече бројни љубители на медиумите и новинарските иновации.