
Акните како дерматолошки проблем се сѐ почести кај многу млади. Според доц. д-р Мирела Василева, истите се резултат на зголемено лачење себум, затнување на порите, намножување на бактерии и појава на воспаление.

Д-р Мирела Василева
Појавата на зачестеност кај младите е како резултат на комбинација од различни фактори како изложеност на стрес, неправилна исхрана богата со шеќери и преработена храна, хормонални промени како и употреба на различни козметички продукти.
Популарен кај младите е и поимот „хормонален дисбаланс“, но што всушност претставува тоа во патологијата на акните?
„Хормоните, особено андрогените, играат клучна улога односно го стимулираат лачењето на себум.„Хормонален дисбаланс“ почесто се јавува во пубертет, но може да се јави и кај возрасни, па затоа не ретко имаме и пациенти кои не се тинејџери, а се соочуваат со акни.“, вели доц. д-р Василева.
AI модели нереaлно ги зголемуваат стандардите за женска убавина
На социјалните мрежи, особено на ТикТок, младите од најмала возраст започнуваат со користење на козметички продукти и рутини за нега на кожа. Без претходна консултација со дерматолог, самата рутина може да причини и штета.
“Младите сè почесто користат несоодветни препарати под влијание на социјални мрежи, што може да ја наруши кожната бариера и да ја влоши состојбата. Трендовите често промовираат агресивни рутини и комбинации на повеќе активни состојки, што може да ја оштети кожата. Треба да се внимава со земањето на ретиноиди, AHA/BHA киселини, витамин C во високи концентрации. Овие препарати треба да се користат контролирано, бидејќи можат да предизвикаат иритација, особено кај млада кожа.“, вели доц. д-р Василева.

Во третманот со акни секогаш се пристапува според тежината на ситуацијата. Најважното од сѐ, е промената на животните навики. Практикување на балансирана исхрана, намалување на шеќери, добар сон и контрола на стресот. Без овие фактори, резултатите од терапијата често се ограничени.
Според доц. д-р Василева, оправдано е да се започне со рутина за нега на кожа уште од 10 до 12 години, но истата да биде составена од лесни и едноставни продукти, односно благ гел за миење, лесен хидратантен крем и фактор за заштита од сонце (SPF). Таа го нагласува знањето за користењето на SPF секојдневно, особено кај младите со акни каде спречува влошување на состојбата.
Меѓу младите се повеќе стануваат популарни и поинванзивните козметички третмани како хемиски пилинзи, ласери или PRP, но доц. д-р Василева вели дека истите не се препорачуваат кај млади без дерматолошки проблеми. Младите треба да бидат особено внимателни при подлегнување на овие трендови и секогаш да се консултираат со дерматолог во однос на козметички процедури.