ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
05.05.2025
Ако македонскиот јазик се развиваше денес

Ако македонскиот јазик би се развивал денес, во време на ознаки и скролање, ќе беше предизвик да се најде рамнотежата меѓу коренот и иновативноста. Во таков свет, сигурно ќе се соочевме со безброј прашања за идентитетот на нашиот јазик. Ќе се прашувавме дали „мајка“ е старомодно, дали „дома“ се вика „хаус“ и дали „љубов“ може да се објасни и опише со емоџи.

Овие дилеми веројатно ќе го обликуваа и начинот на кој пишуваме. Веројатно, наместо ракописни букви, ќе почневме со фонт. Можеби „ќ”, „ѓ“ и “ѕ” немаше ниту да постојат. А со тоа, ќе се отвореше и друга дебата за самата структура на јазикот. Ќе се дебатираше дали треба да имаме толку букви, кога може и со 140 карактери да кажеш сè.

И не само буквите, туку и значењето на зборовите би било под знак прашалник. А зборот „слобода“? Можеби немаше да значи ништо, туку ќе беше обичен прозорец на нашиот windows, а не како вечен човечки стремеж. Во тој хаотичен дигитален свет, дури и изборот на зборови би бил под влијание на трендови. Ќе имаше анкети дали „денес“ е поубав збор од „сега“, и алгоритмите ќе предлагаа „популарни“ зборови – наместо вистински, длабоки и значајни.

Но, кога ќе размислиме, има нешто што нè спасува од ова сценарио. Ете, среќа што македонскиот јазик се родил тогаш кога зборот бил тежок како камен, а мислата – силна како планина. Сега, нашата задача е многу појасна. Денес само треба да го чуваме. Да не дозволиме да ни се сведе на скратеници, да не го замениме со странски примеси.

Затоа, време е да го живееме јазикот со полна сила. Ајде да зборуваме – целосно, јасно, со акцентски целости. Да не му додаваме модификации, туку важност. И да не заборавиме една клучна вистина. Зашто јазикот не се гради само еднаш. Тој се гради секој ден – со секој збор што ќе избереш да го кажеш на македонски. Затоа, нека секој наш збор биде свесен избор да го негуваме она што нè прави тоа што сме. Со секоја изговорена реченица на нашиот мајчин јазик ние сведочиме дека постоиме. Дека не сме само точка на мапа, туку глас кој пее, мисли и памети. И нека секој клик, секој статус, секое „здраво“ или „благодарам“ биде уште една ѕидарска цигла во куќата наречена македонски јазик..

Криминал наместо кариера: Што ги носи младите во Македонија на погрешната страна на законот?
(Аудио) Медиумите денес: Не е важно кој зборува – важно е кој има повеќе лајкови