Нашата редакција повторно разговараше со авторот Александар Николовски, познат по тоа што негативците секогаш имаат посебно место во неговите книги.
Денеска имаме посебен осврт на неговите две последни дела. Имено, неговиот последен, веќе десетти роман именуван како „Оперирани од злоба” излезе само пред некој ден. Како и секогаш, од самиот почеток веднаш побуди голем интерес кај читателите. Како ни протече разговорот и какви одговори ни даде Александар, прочитајте во продолжение.
Оваа година издаде две нови книги, колку време беше потребно да се напишат?
- Пред сè, би сакал да ви заблагодарам и за ова интервју и еден голем поздрав до читателите на Вашиот сајт. Точно е, издадов две книги иако само една беше планирана, но ете, нели од вишок глава не боли. Пишувањето како и секогаш ми одеше релативно брзо, не знам можеби и веќе сум истрениран по десет книги. И за двете книги процесот траеше приближно околу еден месец. Сепак самото осмислување на скелетот на приказната, ликовите, пресвртите, сцените, краевите и слично, одзема многу повеќе време, па колку и да имате инспирација.
Последниве две книги имаат нешто поинакво од сите други, на што се должи тоа?
- Освен што можеби се стилски најдобри досега, концептот е сосема поинаков. Оние кои веќе имаа можност да ги прочитаат, особено „Жива ќе те запалам”, веднаш го воочија тоа. На некој начин според критиките досега, им се допадна таа промена. Дури и да не им се допадне, јас како автор на повеќе книги морам да менувам нешто со секоја наредна книга. Сепак не е целта да се тапка во место и да се „вергла” едно исто постојано. Верувам дека тоа ќе ми помогне во мојата авторска еволуција, а и секој направен експеримент е само искуство плус за во иднина.
Александар Николовски
Кажи ни малку повеќе околу процесот на креирање на ликовите и создавање на приказната во „Оперирани од злоба”.
- По два побрутални трилери, малку се навраќам на психо-мистеријата со доза на драма. Тоа е нешто што дел од читателите исто така го обожаваат. Се работи за Алекса и Анкица, пар сопружници чие крајно монотоно секојдневие по една ноќ ќе добие сосема мрачна димензија кога следното утро го дочекуваат заедно со мртво тело меѓу нив. Шокот е преголем, но тие не се заинтересирани да го дознаат ниту идентитетот на жртвата која целосно е облеана во крв и обвиткана со крвавите чаршафи. Само сакаат да се спасат од овој кошмар.
И двајцата го средуваат местото на злосторството, но кога сакаат да се ослободат од телото, работите дополнително излегуваат од контрола. Ако и навистина се невини, зошто би прикриле една брутално насилна смрт? И што ќе се случи кога ќе исплива уште едно убиство изведено на идентичен начин за дополнително да им ги помати сметките?
Повеќе не би кажал ништо! Ќе им оставам на читателите да ја прочитаат и да го дадат своето мислење. И овде има контраверзна нота, што е својствено за повеќето мои дела. А и мошне сум задоволен од тоа како од само една мала појдовна точка успеав да сплетам целосна ваква приказна.
Читателите се секогаш во исчекување на некое твое ново дело, како го доживуваш тоа?
- Ова реално не само за мене, туку важи за сите автори кои им се омилени и кои сакаат да ги читаат. Штета што пишувањето и осмислувањето на книгите не е до толку брз процес како и читањето. Од таа причина, дел од читателите откако ќе ја завршат книгата имаат неопислива желба за уште, но ако ги прочитале сите книги од авторот, нивното исчекување е уште поголемо и нетрпеливоста им расте. Барем јас, тоа нивно исчекување не го доживувам како притисок за побрзо да напишам следно дело, но секако дека ми е голем мотив и огромна чест.
Секоја твоја книга е мистериозна и најчесто нема среќен крај. Колку им се допаѓа на читателите тоа што „негативците“ се оние кои на крајот триумфираат?
- Па, зависи кој што точно се подразбира под „среќен крај“. На пример, ако негативецот се извлече без казна, тоа всушност за него е среќен крај. Реалноста е дека на мнозинството читатели тоа всушност повеќе им се допаѓа, а тука меѓу нив се вбројувам и јас самиот. Ако не ми се допаѓаше тоа, немаше ни да ги завршувам своите дела на тој начин. Не сум сигурен дали тоа е претежно затоа што на некој начин тоа е излез од клишето на среќни краеви или така едноставно е пооригинално, но како и да е, кога се во прашање моите дела, читателите го обожаваат тој сегмент. Иако тој триумф на негативците не е секогаш подеднакво изразен, сепак буди некоја сатисфакција кај читателот. Секако, остава и простор за евентуално продолжение на приказната во неговите мисли.
Александар Николовски – автор на македонски трилери и мистерии
Kоја е твојата порака за твоите читатели и оние на goce.mk?
- Мојата порака е да нè читаат редовно и само да нè фалат хаха, се шегувам нормално. Веќе е тешко човек да не се повторува со поракиве за крај. Едноставно, мој предлог е да читате што ви се допаѓа и што ве привлекува. Понекогаш е добро да се излезе од својата зона на комфорот, а и да им дадете барем шанса-две на нашите млади талентирани автори. Им посакувам на сите убав остаток од годинава и уште поголем успех на секое во поле во новата 2023.
Доколку сте љубителите на трилери кои ќе ви го разматат умот, тогаш наша препорака е да ја збогатите вашата домашна библиотека со барем една од книгите на Александар.
Можеби ќе ве интересира