ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
08.03.2023
Ампева: За мене како жена и мајка на три деца најпоразително е не продолжувањето на договорите за работа на жените кои се бремени

Меѓу жените и мажите во Македонија постои нееднаков пристап на пазарот на труд, како и дискриминација при вработување и на работното место. Големи родови разлики во пристапот на пазарот на труд се забележуваат во однос на активноста на мажите и жените, при што повеќе од половина од работоспособните жени се неактивни, а стапката на активност кај мажите е на ниво од ЕУ.

Ова го покажуваат анализите на Институтот за економски истражувања и политики Finance Think, кој го следи и анализира (не)еднаквиот третман на жените и машите на пазарот на труд.

Има различни причини за нееднаквоста во државата, но главна причина е грижата за домот и семејството, и нивниот ангажман како неплатени семејни работници. Еден дел од појавата на родова дискриминација при вработување и на работното место пак, се должи на непочитување на законските одредби од страна на работодавачите, но и на се уште недоволната свест и информираност на работниците.

Токму заради вакавата положба на жените на пазарот на труд во државава и личното искуство како текстилна работничка, Кристина Ампева во 2016 година го основаше здружението „Гласен текстилец“ и  оттогаш се бори и ги застапува правата на работничките во текстилната индустрија, но и воопшто на жените на пазарот на труд.

Зошто е важна родовата рамноправност на пазарот на трудот?

Важна е, бидејќи живееме во 21 век и не смее да има разлика во плати за иста работа, или да имаме отпуштања на жени кои се мајки или се бремени. Со споделување на грижата околу новороденчето меѓу мајката и таткото, во новиот предлог-закон за работни односи и еднаквото плаќање при користење на ова отсуство, се унапредува положбата на жените на пазарот на труд. Поголема општествена одговорност, подобрување на условите за работа и повисоки плати се начин да се задржат вработените. Преку соработка со организации како Гласен текстилец, потребно е лобирање за подобри економски политики, но и заедничка борба против сивата економија и нелојалната конкуренција.

(ВИДЕО) Новинарки во регионот ден денес трпат вознемирување на работно место

Кои се најчестите форми на родова дискриминација со кои се соочуваат работничките?

Уште од времето (до 2017 година) кога и јас бев вработена во текстилната индустрија имаше разлика во платите меѓу мажите и жените за иста работа. Но, сепак позастапен е мобингот врз жените, односно притисок и вознемирување на работното место. Поради улогата која ја имаат како мајки и потребата да се грижат за своите болни деца, тие се соочуваат и со откази, намалени плати и закани. Дополнително, и во време на корона кризата, особено беа видливи прекинувања на договори за работа, незаконски откази и неисплаќање или незаконски намалени плати токму на жените вработени во приватниот сектор. Она што за мене како жена, мајка на три деца и активистка, е најпоразително е токму непродолжување на договорите за работа на жените кои се бремени, веднаш откако работодавачот ќе дознае за бременоста, што на крај резултира со ускратено право на платено породилно отсуство. Ова се некои од најголемите забелешки за кои реагира и нашето здружение во однос на новиот предлог-закон за работни односи.

Здружението пристапува со бесплатна правна помош и совети, како и постојани кампањи за применување на правата на вработените на работното место. Со следење на состојбите со имплементација на законите и соработка со Управата за јавни приходи и државниот трудов инспекторат се бележи унапредување на работата на институциите и враќањето на довербата на граѓаните.

Што е тоа што сметате дека треба да се направи за жените да ги уживаат истите работнички права како и мажите?

Имплементација на законите од страна на надлежните, следење на позитивни примери од регионот за подобрување на економските и социјалните политики, поголема заштита на работниците на работното место, децидна забрана за дискриминација кон жените работнички, а особено кон бремените жени. Поголемо разбирање и соработка со работодавачите бидејќи состојбата која траеше со децении (кршење и непочитување на правата на работниците, лошите услови и плати, нелојална конкуренција и сива економија), сега гледаме дека го зема својот данок, односно, имаме иселување на младо работоспособно население и нема кој да ги пополни работните места кои се слободни во приватниот сектор.

На што мораме како држава веднаш да почнеме да се фокусираме?

Дефинитивно можат сите да заборават на корупција во институциите надлежни за спроведување на законите и заштитата на работниците. Подобар, попрецизен закон за работни односи кој ќе даде поголеми права и заштита на работниците. Следење на позитивни економски политики од регионот како што е Црна Гора и вистинската борба против корупцијата, нелојалната конкуренција и сивата економија. Повеќе од важно е правдата да важи за сите, а не да биде недостапна за обичниот народ. Поголема заштита и унапредување на правата на жените особено на оние кои се вработени во приватниот сектор. Прогресивен данок и вложување во образованието и здравството. Да ги користиме услугите кои ги плаќаме. Да бидеме социјалната држава која ни ја налага нашиот устав.

Балканска олимпијада по информатика од 20-26 септември во Охрид
„Студентски отпор“ реагира на новите повисоки трошоци за студирање