И покрај законските обврски и иницијативите за вклучување на младите, најновата анализа на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) покажува дека социјалната инклузија на младите во македонските општини е далеку од задоволителна. Штип, кој со своите 61% е на границата меѓу добрата и задоволителната социјална инклузија, претставува пример за општина која има потенцијал, но и потреба од значителни подобрувања.
Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) неодамна ја објави својата анализа „Индекс за социјална инклузија на младите на локално ниво 2023 – 2024“, која ги рангира сите 80 македонски општини според нивните перформанси во поддршката на младите. Оваа анализа открива сериозни недостатоци во вклученоста и еднаквоста на младите во многу општини, со просечна оцена од само 41%, што ја става социјалната инклузија на младите на границата на незадоволителното.
Штип: Потенцијал и предизвици
Општина Штип е рангирана со 61%, што ја става на границата меѓу „добра“ и „задоволителна“ категорија. Ова укажува дека, иако постојат одредени позитивни аспекти во поддршката на младите, општината има уште многу работа за да ги подобри условите за младинско учество и развој. Во категориите пристап до информации и вклучување на младите во јавни политики, Штип покажува потенцијал, но недостасува суштинско вклучување и користење на младинските совети како консултативен механизам.
Скопје не ги вклучува младите доволно
Сепак, според анализата Скопје заостанува во однос на вклученоста на младите во процесите на донесување одлуки, со оценка од 48%, што го става во групата на „незадоволителни“ општини. И покрај големите можности и ресурси, Скопје мора да ги зајакне своите механизми за младинско учество и да покаже поголема посветеност кон подобрување на условите за младите во градот.
Охрид општина број 1
Охрид се издвојува како лидер со највисока оцена од 93%, што ја потврдува неговата посветеност кон вклучување на младите. Покрај него, општините Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Гевгелија се исто така високо рангирани, со оценки меѓу 71% и 85%. Овие општини покажуваат успешни практики што може да послужат како модел за другите.
Сопиште и Петровец број 0
На спротивната страна, општини како Сопиште и Петровец, кои не добија никаков ранг, укажуваат на тоа дека во овие општини речиси и да нема активности насочени кон младите.
Анализата открива дека многу општини не ги исполнуваат своите законски обврски за формирање младински совети и вклучување на младите во креирањето на јавни политики. Само 16% од општините имаат функционални младински совети, а 55% од општините се оценети како „незадоволителни“ во однос на социјалната инклузија на младите.
Во Штип и слични општини, потребно е значително засилување на активностите за вклучување на младите, особено преку институционалните механизми предвидени со Законот за младинско учество и младински политики. Само така може да се обезбеди подобра иднина за младите и нивно активно учество во локалната заедница.
Анализата на НМСМ е важен документ кој треба да биде сигнал за сите општини во Македонија. Додека Охрид е одличен пример за добра пракса, општини како Штип, а уште повеќе како Сопиште, Петровец и Скопје мораат да вложат дополнителни напори за да ги подобрат своите услови и да обезбедат подобра иднина за младите.