ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
18.11.2026
Волонтерството е незаменливо искуство, а не работа за пари

„Не е доволно младите да бидат фигуративно присутни, туку важно е да бидат вклучени. Не можеме да очекуваме од нив да го менуваат општеството ако не им дадеме простор да бидат дел од тие промени.“

Со оваа порака, Антонија Андоновски, студентка во трета година на Општа медицина при УГД и генерален секретар на Студентската организирана медицинска асоцијација (СОМА), го отвора прашањето за улогата на младите во општеството, значењето на волонтерството и потребата од поголема младинска инклузија.

Зад неа се три години волонтерско искуство, низ кои волонтерството од можност за стекнување нови знаења прераснало во начин на личен развој и одговорност кон заедницата.

„На почетокот, волонтерството го гледав како можност да стекнам нови искуства и да научам нешто поинакво од она што го нуди формалното образование. Но, со текот на времето сфатив дека добивам многу повеќе. Она што ме задржа е чувството дека моето присуство, идеја или вложен труд можат да направат некаква промена“, вели Андоновски.

Меѓу искуствата што оставиле најголем впечаток врз неа е, волонтирањето на седумнаесеттиот Европски младински олимписки фестивал – EYOF Skopje 2025, настан кој ги обедини младите спортисти, учесниците и волонтерите од различни делови на светот.

„Ако морам да издвојам едно волонтерско искуство, тоа дефинитивно би било волонтирањето на EYOF Skopje 2025. Тоа беше навистина посебно искуство, бидејќи имав можност да бидам дел од настан на кој се собраа луѓе од целиот свет, со различни култури, јазици и искуства. Покрај новите познанства, научив колку се важни тимската работа, комуникацијата и меѓусебната поддршка. Најмногу ќе го паметам чувството дека сум дел од нешто поголемо, настан кој ги поврзува младите и покажува дека волонтерството нема граници. Тоа искуство дополнително ми потврди дека секоја вложена енергија и време носат вредност која не може да се измери само со она што сме го направиле, туку и со луѓето што сме ги запознале и искуствата што сме ги понеле со себе“, раскажува таа.

Иако често се создава впечаток дека младите се незаинтересирани за општествените случувања, според Андоновски, проблемот не е нужно во недостигот на интерес, туку во недостигот на достапни можности, информации и доверба во нивниот потенцијал.

„Не можеме да очекуваме младите да бидат активни ако постојано им се испраќа порака дека нивното мислење не е доволно важно. Потребно е да им се даде реален простор да учествуваат, да предлагаат и да носат одлуки“, посочува таа.

Важен аспект на волонтерството е и инклузијата. Економските услови, местото на живеење и образовните можности влијаат врз пристапот на младите до различни активности. Затоа, вистинската инклузија подразбира создавање услови во кои секој млад човек ќе има можност да придонесе.

„Волонтерството има потенцијал да ги поврзе младите кои можеби никогаш не би се сретнале во секојдневниот живот. Не треба да биде важно од каде доаѓаш или какви можности си имал досега, туку да добиеш можност да придонесеш. Не е доволно младите да бидат присутни – важно е да бидат вклучени“, објаснува Андоновски.

Покрај предностите, волонтерството носи и предизвици, особено за студентите кои треба да ги усогласат предавањата, испитите и секојдневните обврски со активностите во организациите. Сепак, токму преку овој ангажман се развиваат вештини кои тешко можат да се стекнат само преку формалното образование.

„Студентите преку ваквите активности развиваат организациски, комуникациски и лидерски вештини кои не секогаш можат да се стекнат во формалното образование. Волонтерството е можност да го примените она што го знаете, но и да откриете способности за кои можеби претходно не сте биле свесни“, вели таа.

За волонтерството да стане дел од културата на младите, потребни се долгорочни можности, подобра информираност и соработка меѓу студентските организации, универзитетите, граѓанскиот сектор и институциите. Андоновски смета дека младите имаат идеи и желба за ангажман, но им е потребна средина во која тие идеи ќе можат да прераснат во конкретни и одржливи иницијативи.

„Волонтерството не е само да им помогнете на другите. Тоа е и процес во кој луѓето си помагаат едни на други да го препознаат сопствениот потенцијал“, раскажува таа.

Волонтерството не треба да се гледа само како неплатена работа, туку како инвестиција во знаењето, искуството и општествената одговорност на една генерација. Неговата вистинска вредност се мери и преку создадените врски, стекнатата самодоверба и промените што ги поттикнува.

Зашто, општеството не се менува само со големи одлуки и гласни пораки. Понекогаш промената започнува со еден млад човек кој одлучил да не биде само набљудувач.

По полициската акција се огласија од УГД: Целосно соработуваме со ОЈО и МВР
(Видео) Млади Хаб во Штип е простор каде младите ги претвораат идеите во иницијативи