Андреа Коевска е овогодинешната претставничка на Евровизија 2022 која ќе се одржи во Италија. Нешто повеќе за неа и љубовта кон музиката, Андреа откри во своето интервју за Гоце.мк. Таа вели дека прв пат се заљубила во музиката додека живеела во Америка на свои пет години .
“Се сеќавам на културата, се сеќавам кога за првпат слушнав госпел-хор. Тоа ми беше некој показател, нешто разбуди во мене и си реков: ‘И јас сакам да правам вакво нешто’. Мојата инспирација е секојдневието бидејќи сум интровертна личност и преку музиката се чувствувам удобно да ја пренесам секоја моја порака и емоција.”,вели Андреа.
Освен музиката, таа обожава да тренира и кик бокс и смета дека дисциплината е важна особина како и во спортот, така и во музиката.
“По природа сум човек кој сака предизвици и генерално во животот сум успевала во тоа што сум го замислила само затоа што сметам дека само со упорност и вредна работа се совладуваат сите предизвици и пречки. Дефинитивно сум пресреќна и превозбудена за тоа што следи, но пред сè сум благодарна на сите кои ме поддржуваат. Постојано сум во движење, разговорам со луѓе кои ме сакаат, ме поддржуваат и веруваат во мене. Најголема поддршка добивам од семејството, Масе (Александар Масевски) и од мојот тим.” , вели Андреа.
Иако, вели дека инспирација црпи од многу познати пејачи, сепак како нејзини идоли ги издвојува Hayley Williams и Whitney Houston. Андреа смета дека секоја од нејзините песни има посебно значење и манифестира посебна емоција.
Младата пејачка гледа на Евровизијата како чекор напред во својата кариера и можност за отварање на многу врати. Таа се надева на успех , но исто така го очекува и нејзиниот прв албум.
“Евровизија отсекогаш била значаен настан за мене и се сеќавам како мала едвај чекав да почне. Ја доживувам како спектакл, да бидам искрена. Со музика поинтензивно почнав да се занимавам на 14-годишна возраст, а посериозно откако започнав да соработувам со Александар Масевски и до сега работевме на промоција надвор од Македонија, во Европа и Америка поточно. Кога го видовме конкурсот на МРТ, знаев дека мора да конкурирам, затоа што тоа би значело одлична можност да ме запознае македонската публика, да ја слушне мојата музика и да се претставам како музичар. Можам да кажам дека верувам во песната, затоа што многу емоции внесувам во неа и истите се трудам да и ги пренесам на публиката. Многумина може да се поврзат емотивно со приказната на “Circles” и да допре до нив, а тоа е токму тоа што сакам да го пренесам.”
“Секако, сите коментари и сугестии се прочитани од мене и мојот тим. Иако веќе имам замисла за тоа како би изгледал мојот настап, отворена сум за сугестии и доколку нешто ни се допадне апосолутно би можеле да го имплементираме зашто сакаме публиката да биде задоволна. Сигурна сум дека ќе бидам облечена во црно, но не би откривала повеќе детали бидејќи сакам да биде изненадување. Ве уверувам дека дефинитивно ќе дадам сè од себе за да се претставам во најдобро светло себеси, а и Македонија, затоа што навистина сакам да ѝ покажам на Европа дека имаме и ние интернационални артисти.”
“Да веруваат во себе, да имаат силна цел и добра визија. Да направат стратегија и да го следат својот сон, да бидат упорни и да изнаоѓаат различни начини да ги надминуваат препреките на патот. Неопходна е и искрена љубов да го работиш тоа што го сакаш, бидејќи тоа не може никој да ти го одземе, потребно е да имаш среќа и важно е да бидеш внимателен на кој го презентираш тоа што го правиш.”
Секогаш е предизвик да се излезе од својата комфорна зона, па според Андреа важно е да знаеме кои се нашите цели и да не се плашиме од непознатото. Се чини дека нашата претставничка ги надминува овие предизвици, а на нас останува да и посакаме среќа на големата сцена во Италија.