Денеска виртуелното кафе го пиеме со Андреј Ѓеорѓиески, познат како Андреј од ДНК. Ќе ни сподели повеќе за неговото детство и како успева да се снајде на релација пејач – родител.
Се сеќава дека уште како мал ги искалил своите добри карактеристики додека растел во Дебар. А, главен „виновник“ за тоа што е музичар е неговиот татко кој што слушал квалитетна музика како: Pink Floyd, Dire Straits …
„Не сум сонувал, ниту пак сум имал амбиции дека еден ден ќе бидам професионален музичар. Едноставно, имавме среќа да се сретнеме со Панчо и еве, после 20 години уште функционираме. На почетокот имавме заеднички хитови и со Врчак, а веќе 13 години работиме и твориме во студиото на нашиот трет член на ДНК – Лазар Цветкоски. Воопшто не се чувствуваме променети со Панчо од деца и не верувам дека популарноста ќе не’ промени.“ – вели Андреј.
За време на пандемијата, ДНК беа едни од ретките кои се појавија со повеќе синглови и спотови како што се: „Јави ми“, „Македонија на Европско“ „Кобра“, „Денови во ноќта“, „Ваков таков“, „Сите патишта“…
Андреа, претставничката на Евровизија – Сите коментари и сугестии ги читаме заедно со мојот тим
„Искрено, не верувавме дека нашите песни ќе допрат до толку многу луѓе. Многу ни е мило што каде и да настапуваме, дискотека или концерт, секогаш е полно. На нашите обожаватели многу им сме благодарни за тоа.“
Омилена песна од ДНК?
„Секоја песна од ДНК ми е драга, ама ако треба да одвојам… Хм, тоа би биле песните со рок елементи како што се: „Што сака нека биде“, „Стојам сам“, „Срце“, „Север и југ“… “
Што вредно научи за овие две години?
„Дека фамилијата и пријателите се најважното нешто во животот и дека треба како луѓе да се цениме, почитуваме и чуваме. Пандемијата ни даде до знаење дека сите сме исти и треба секогаш да сме тука едни за други.“
Мотото на Андреј е…
„Биди добар и живеј го животот затоа што е убав.“
Покрај тоа што е музичар, Андреј е и татко на едно прекрасно девојче. На прашањето каков родител е Андреј, ни кажа дека треба да ја прашаме Јана, па се надеваме дека и таа еден ден ќе биде наша гостинка.
„Се трудам да бидам што подобар родител и да ја воспитам Јана како што мене ме воспитале моите родители, а дај Боже и подобро.“, додава Андреј.
Јана, исто како тато има афинитети кон музиката, но има и став на балеринче.
„Уште е мала, ама јас би сакал еден ден да стане професионален пијанист или балерина.“
Момците од ДНК се вистински доказ дека музиката со тек на времето само може да стане подобра. Да се потсетиме на еден од најновите нивни хитови.