
„Светот на аутизмот (Патувањето на Леон)“ и Ангелот по име аутизам“ , две книги посветени на борбата и животот со аутизам беа промовирани во Штип.
Промоцијата се одржа во НУ-УБ „Гоце Делчев“ , а пораката од Амела Мемиш Апостоловска, мајка на Леон, дете со аутизам, беше едноставна. Да престанеме да ги гледаме дијагнозите, а да почнеме да ги гледаме луѓето.

-Делата напишани од животот во Македонија се исклучително моќни, затоа што ние живееме овде, во Македонија. Ова не се преведени искуства од некој далечен, совршен систем. Тоа се нашите битки низ нашите институции, нашите улици, нашиот менталитет и нашиот македонски непокор. Ова е суровата, но преубава реалност на нашето поднебје.
Во центарот на овие книги е мојот син, Леон. Но, ве молам, разберете дека Леон овде не е само дете со дијагноза. Тој е симболот! Тој е детето кое храбро ги помина сите спектри, сите премрежја и тишини, за да биде претставник кој конечно ќе ни ја доближи сликата за аутизмот – изјави Амела Мемиш Апостоловска при промоцијата на книгите.
Таа долго време ја води својата лична борба за подобрување на третманот и инклузијата на лицата со аутизам во општеството. Ова го прави преку примерот на својот син Леон, преку јавни настапи, комуникација, па и со издавање на книги.

Леон Мемиш
На промоцијата на двете книги се обрати и самиот Леон, кој рече дека тој не е само момче со своја приказна , туку глас на многу семејства кои во тишината се борат со тешки предизвици.
-Тука сум како јавен застапник за сите мои другари кои сонуваат да бидат прифатени и разбрани. Сите ние, во некој дел од нашиот пат , сме поминале низ моменти кои ни нанеле болка. Можеби и вие, во училишните клупи или во парковите додека сте си играле, сте почувствувале што значи врсничко насилство. Сте биле повредени со зборови кои оставиле длабоки траги во вашите души.
И мене ми се случувало тоа. И јас сум ги почувствувал тие тешки погледи и остри зборови во парковите. Но, денес, под ова сонце, сакам да слушнете нешто многу важно – јас им простувам на сите. Простете им и вие на оние што ве повредиле. Ние не сме дојдени на овој свет за да се мразиме едни со други. Тука сме за да создадеме меѓусебно разбирање, да си помогнеме колку што можеме, да се поддржиме и да го најдеме својот мир како една цела заедница.
Да престанеме да ги гледаме дијагнозите, а да почнеме да ги гледаме луѓето – рече Леон.