Минатата недела тимот на гоце.мк спроведе анонимна анкета за млади на тема „Кажете ни повеќе за вашето ментално здравје!“. Според добиените резултати околу 50% од испитаниците на просечна возраст од 20 години имаат проблеми со нарушено ментално здравје, а 70% од нив познаваат некој од нивното опкружување кој се справува со ментални нарушувања.
21,3 % не се запознаени со тоа дали некогаш пројавиле знаци на нарушено ментално здравје, што укажува на проблем и со недоволната едукација за симптомите и видовите ментални болести.
Околу 68% не би побарале професионална помош за справување со менталните проблеми и повеќе би практикувале разговор со семејството и врсниците.
Добар процент на испитаници одговориле и дека не би се довериле некому доколку пројават знаци на нарушено ментално здравје туку попрво би се затвориле во себе отколку да се обратат кај професионалец. Загрижувачки е и процентот на млади кои за да се справат со нарушувањата практикуваат деструктивни техники, а такви регистриравме 30,4%. 41,3% од младите пак, не се свесни дали воопшто начините кои ги практикуваат се штетни за нив.
Според психолозите, како деструктивни начини за справување со менталните проблеми се сметаат: користењето пороци, агресивното одесување, прекумерен внес на високо калорична храна или пак гладување, импулсивно трошење пари и прекумерно одење на шопинг, себе-повредување и претерано гледање серии или играње на видео игри.
Индикатори за високиот процент на младите со нарушено ментално здравје, според нив претставуваат училиштето, семејството или пак љубовната врска.
Влијание исто така има и околината, која младите ја сметаат за токсична, па затоа многумина од нив практикуваат физичка активност, читање книги и слушање на музика како начини за нега на менталното здравје.
За медитацијата и прошетките, исто така веруваат дека помагаат при оддржување на менталната благосостојба, доколку се практикува неколку пати во неделата.
Најдобар доказ за недоволната едукација и ширење свест за менталното здравје, претставуваат и 85.5% од испитаниците кои одговориле дека скоро никогаш или пак ретко дискутираат на оваа тема со своето семејство и врсници. Тоа е и причина зошто половина од нив изјавиле дека не знаат како да се справат и да ги советуваат оние кои им се довериле за својата ментална состојба.
Според неодамнешните статистички податоци од UNICEF , годишно се регистрираат околу 46,000 жртви на самоубиство на возраст од 10 до 19 години, а секојпетти млад човек страда од некое ментално нарушување. Нарушувањето на менталното здравје претствува голем проблем меѓу младите и кревањето свест и правилната едукација се неопходни за спречување на фатални исходи.