
Со доаѓањето на последното полугодие од последната година кај средношколците се јавува значителен стрес. Покрај стресот, матурантите исто имаат многу возбуда и еуфорија поради завршувањето на средното училиште и почеток на следниот предизвик во нивниот живот.
Разговаравме со неколку матуранти од различни средни училишта во Штип, им поставивме прашања во врска со подготовките за матура.
Ги прашавме дали имаат стрес поврзан со матурата и за нивните идни планови и подготовки.
Мила Јованова од СОУ ,,Јане Сандански” Штип одговори:
,,Најголем стрес во врска со матурата е како ќе се одвива самата, колку ќе сме подготвени и какви прашања ќе има на матурата.”.
Методи Донев и Михајло Андов и двајцата матуранти од СОУ ,,Коле Нехтенин” велат дека задолжителниот предмет по Македонски јазик, претставува голем стрес кај средношколците. Според нив, матурантите посветуваат доста време подготвувајќи се токму за овој предмет.
Един Шерифов, е исто така средношколец во „Коле Нехтенин“. Тој даде искрен и реален одговор:
,,Најголем стрес не ми е матурата толку колку што е прашањето што ќе правам после матурата“
Има голем број на средношколци кои ги загрижува и тоа да не паднат на матурскиот испит. Паѓањето на овој испит ја комплицира процедурата за упис во следното ниво на образование за матурантите.
Меѓутоа покрај учењето, средношколците мислат и на забавата
За разлика од подготовките во врска со учењето подготовките и организацијата за забавите се значително поголеми. Средношколците веќе ги планираат дневните и вечерните забави.
,,Да, се подготвуваме за матурата, но и за забавата, поточно почнуваме со учење за матура и се подготвуваме добро. Исто така добро ни оди и подготовката за забавите и се чувствува голема еуфорија.”, вели Мила Јованова.
Поголем број од учениците се уште не почнале со учењето за матурата, тие ја привршуваат нивната проектна задача – завршен проект за сите средношколци. Потоа ќе започнат со подготовките за четирите одбрани предмети.
Текстот е изработен од страна на средношколци практиканти од СОУ Коле Нехтенин – Штип, како дел од соработка меѓу ГОЦЕ.МК и средните училишта.
Автор: Мартин Јованов и Иван Стојилков