ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.02.2023
Асистентка на УГД: Студентите по медицина не треба да се разочаруваат и да се откажуваат

Д-р Ана Марија Тасева е асистентка на Факултетот за Медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип , а воедно и важи за една од најдобрите студенти кои дипломирале на ФМН. Моментално, Тасева е специјализант по кардиологија во Жан Митрев Клиника, како и докторанд на Факултетот за медицински науки при УГД во Штип.

Д-р Ана Марија Тасева

Нејзиниот рецепт за успех е упорност, истрајност, амбиција и сето тоа проследено со огромна љубов кон медицината.

„Мојот совет би бил да не бркаат оценки, туку знаење, односно да ја сфатат суштината на медицината и на научната материја која ја изучуваат. За да ја сфатат суштината, потребно е да научат логично да размислуваат и притоа многу да читаат, континуирано да истражуваат, да бидат амбициозни, одговорни, посветени и принципиелни и секако да ги слушаат советите на професорите и асистентите. Најбитно е сето ова да не им претставува потешкотија и да не го сфаќаат како обврска која мора да се заврши, напротив неопходно е сето ова да го прават со љубов и посветеност, бидејќи тогаш резултатите и успехот се неизбежни. “, вели д-р Тасева.

Одлуката дали да останат во Македонија е најголем предизвик за младите лекари

Не постои погрешно прашање

Студентите често се соочуваат со предизвикот да не поставуваат прашања. Советите на Тасева се во насока на студентската слобода. Студентите мораат да ја чувствуваат слободата и да бидат проактивни во процесот на образование.

„Важно е студентите да ја имаат слободата за да постават прашање, да се вклучат во изведување на вежбите, да дадат свои предлози и забелешки. Не постои погрешно прашање, не треба студентите да се плашат да постават прашање ниту да се срамат од своите прашања или размислувања. Напротив, мојата цел не е само да ја објаснам научната материја туку и да ги поттикнам да размислуваат и да се вклучуваат во наставата, и на тој начин би имале поголема интерактивност со која што сметам дека ќе ги уверам дека се вредни и достојни за да бидат одлични идни доктори. Нема поголема сатисфакција кога ќе видам дека студентите се задоволни и дека нашите вежби им помогнале да го совладаат доста комплексниот материјал.“, вели Тасева.

Балансот е многу битен кога доаѓа во прашање студирањето

Сите пред да станат професори, асистенти биле студенти и се соочиле со предизвиците. Тасева вели дека студентите треба да ги нормализираат и добрите и лошите работи кои се случуваат во текот на образованието.

Успешни студенти препорачуваат мотивирачки филм, книга и подкаст (Дел 2)

„Некогаш може да жртвувате добра забава за да добиете повисока оценка на испит, но сосема е во ред и да ,,паднете’’ на некој испит доколку имате семејни обврски или некои други важни ситуации и околности во животот. Треба да се разбере и да се прифати дека најдобар пријател ви е времето, тоа значи има време за сѐ и секоја индивидуа си има свој ,,тајминг’’ за постигнување на успехот што си го зацртал.“

Еден од советите кои таа ги порачува е да се ужива во студентскиот живот.

„Не треба да брзаат да положат сѐ во една сесија, да завршат побргу, да се вработат. Сето ова ќе дојде сакале ние или не, но студентските денови нема да се вратат. Освен тоа дипломата е само лист хартија која без знаење, нема вредност. За време на студентските денови ќе имаат многу препреки, но не треба да се разочаруваат и откажуваат лесно, бидејќи сепак учат за да бидат доктори. Треба само да научат од своите грешки, да препознаат каде згрешиле и да сфатат дека секое паѓање на испит е уште една лекција во животот од која нешто научиле. Би им препорачала да се потсетат зошто се запишале на овој Факултет и каде се гледаат во иднина, а тоа ќе им биде доволна мотивација за никогаш да не се откажат.“

Форсирањето да се положи испит или да се дипломира побрзо е бесцелно доколку не се сфати суштината. Според искуството на Тасева, студентите треба да сфатат дека, крајната цел не е дипломирањето, туку донесувањето на вистинската одлука и евентуално спасувањето на нечиј живот, кога ќе стојат меѓу својот пациент и неговото најлошо сценарио.

Секој граѓанин должи 4000 евра, а има заштедено 5400 евра – во просек
70% од средношколците се запишани во стручни училишта