
Аспен од Аризона, Америка е млада девојка која одлучи да се пресели во Штип, Македонија и да живее на подолг временски период. Таа тврди дека се заљубила во самиот мир и сигурност кои ги нуди градот, но и државата.

Првичниот план на Аспен било таа да се пресели во Германија или Италија, но во Америка запознала студенти од Штип кои биле на сезонска летна работа, па така дознала за Македонија. Моментот кога одлучила да се пресели овде е кога случајно дошла да ги посети пријателите кои ги запознала во Америка.
„Едноставно чувството што ми го даваше престојот во Македонија беше пресудно. Ова е место кое го немам посетено порано и додека сум во Македонија навистина сум среќна. Немав некои очекувања пред да дојдам овде, но бев возбудена за тоа како ќе биде кога ќе дојдам и досега е прекрасно.“, вели Аспен.
Најголемиот „културен шок“ што таа го доживеала биле свадбените македонски обичаи. Уште една промена со која се соочила е и „кафе културата“ во Македонија. Аспен опишува дека во Америка е премногу брз начинот на живот, па и самото пиење на кафе трае 5 до 10 минути, додека овде трае и до 4 часа. Но, тоа била навистина позитивна промена и таквиот начин на живот вели дека и носи многу мир и спокој по кои трагала.

„Бев среќна што запознав луѓе од овде во Америка, па транзицијата ми беше многу лесна. Можеби и најтешкиот дел беше самата леснотија. Имам живеено во Јапонија, Кореа и кога живеев таму бев сосема сама па се навикнав на таков начин на живот. Кога се преселив овде имав толку многу пријатели и многу активности за правење на што не бев навикната.“, вели Аспен.
По професија Аспен е готвачка, па и во Македонија веќе стажирала во неколку ресторани и пекари. Самата професија и дозволува флексибилен начин на живот и постојано селење. Од македонската кујна, вели дека омилени и се традиционалните манџи, и дека тоа било првото македонско јадење кое го пробала уште во Америка кога го направиле нејзините пријатели.
Покрај запознавањето на културата и традицијата, Аспен активно го изучува и македонскиот јазик. Во повеќе видеа на социјалните мрежи таа зборува на македонски и слуша македонска музика. Вели дека најтешкиот дел од изучување на јазикот и е конструкцијата на реченицата и граматичките правила. Покрај литературниот јазик, таа веќе се соочила и со многуте дијалекти, па тоа и претставувало и дополнителен предизвик.

„Ги советувам сите кои размислуваат на ваков чекор да направат детално истражување пред да се преселат. Многумина мислат дека мојата одлука беше спонтана, но не е така. Многу истражував и пред мојата прва посета во октомври и кога одлучив дека сакам да живеам овде, поминав 4 месеци истражувајќи за местото и како можам да се прилагодам за да живеам овде.“, вели Аспен.
Таа потенцира дека е важно да се истражи за јазикот, културата, но и колку гостопримливи се самите луѓе бидејќи безбедноста е најважна.
„Би сакала да потенцирам и дека кога се селиш во друга држава треба да ги научиш јазикот и културата бидејќи одиш во нечиј дом и треба да ги почитуваш.“, вели Аспен.