ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
25.04.2025
(Аудио) Медиумите денес: Не е важно кој зборува – важно е кој има повеќе лајкови

Јас сум Даница, а ова е мојот став:

Некогаш медиумите беа гласот на народот. Денес пак инфлуенсерите се ехото на новиот народ: млад, визуелен, нетрпелив. Денес вистината доаѓа преку Instagram story со музика во позадина и попуст код за серум за лице. Иако звучи смешно, ова е реалноста.


Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Инфлуенсерите го преземаа местото на класичните медиуми. Не затоа што знаат повеќе, туку затоа што имаат поголемо внимание. Она што новинарот ќе го напише со пет извори, инфлуенсерот ќе го каже со пет ознаки и ќе добие петпати повеќе внимание. Новинарот има правила. Треба да биде објективен, да не лаже, да не спинува. За една статија се трошат денови, понекогаш и месеци.

Но, денешната публика нема време. Сака наслови, резиме, нешто што ќе се слушне или прочита за две минути. Затоа медиумите се присилени да трчаат по кликови, а не по вистината. И така, и новинарството полека станува шоубизнис. Инаку да, има добри новинари. Има истражувачи што ризикуваат, што се борат за автентичност, што проверуваат, читаат, внимаваат и не се плашат да кажат „не знам“. Но, денес тие се помалку медиум, а повеќе антика бидејќи се читани само од оние што знаат да мислат критички.

Зошто младите повеќе веруваат на инфлунесерите отколку на новинарите?

Маката не е дека новинарите не знаат да си ја работат работата туку дека публиката не сака да чита, туку да скрола. Инфлуенсерот пак не мора да биде точен. Нему му треба да биде убедлив. Нема уредник, нема правила, нема притисок да биде фер. А сепак луѓето му веруваат повеќе отколку на новинарите. Зошто? Затоа што делува „како нас“. Топло, блиско, познато. Не им носи вести, туку „искуство“. И тоа е доволно.

Денес не е важно кој е точен, туку кој прв ќе каже нешто. Брзината е валута. Вистината пак колатерална штета. Публиката го следи оној што им дава чувство, не оној што дава содржина. Новинарот прашува “зошто?“. Инфлуенсерот вели “овој бренд ми ја промени кожата”. Не важи „што е кажано“, туку како е кажано. И потрошувачот се чувствува како истото да му се случува. Доволно е да кликне „додај во кошничка“. Во ваков свет, јавната перцепција веќе не се гради-се монтира. Се сече, лепи, се става текст преку видео и вуала-„вистина“. Mожеме да заклучиме дека на јавната перцепција денес влијаат и двата субјекта. Нема веќе јасна граница. Медиумите стануваат инфлуенсери. Инфлуенсерите-медиуми.

Едните добиваат кредибилитет од традицијата, другите од лајкови. А, вниманието одамна не е кај оние што читаат, туку кај оние што објавуваат, звучат уверливо и стигнуваат први.

Но, едно нешто останува важно: Оној што влијае врз јавното мислење, има одговорност. Без разлика дали има диплома за новинарство или само телефон со добра камера. Или како што би рекле младите-не е важно кој зборува, туку колку луѓе слушаат. А уште поважно: дали знаат зошто го слушаат.

(Аудио) Мојот став: Триесет зборови се полоши од триесет сребреници
(Аудио) Мојот став: Успеавме ли да ја затрупаме Стерната?