ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.05.2025
(Аудио) Мојот став: Генерација Z: најпаметни досега… или најизгубени?

Јас сум Даница, а ова е мојот став:

Некогаш луѓето верувале дека знаењето е моќ. Денес – знаењето е Google резултат на првата страница. Ние, генерацијата Z, сме родени во свет каде сите одговори се на дофат со еден клик. А сепак, прашањето што сите ги мачи е:
дали сме најпаметната генерација досега… или најизгубената?


Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Имаме пристап до секоја информација што некогаш била забележана. Можеме да научиме дури и кинески на Duolingo додека гледаме Netflix и скроламе TikTok. Повеќе јазици, повеќе култури, повеќе перспективи – никогаш знаењето не било подемократско. Звучиме како најподготвената генерација за иднината.

Но, токму тука започнува парадоксот. Со сета таа слобода на знаење, би очекувале да бидеме помудри, подлабоки, постабилни. А сепак… нешто недостасува.

И тогаш… некој ќе праша „како да свариш јајце“ и половина интернет ќе даде погрешен одговор. Некој пак ќе поверува дека земјата е рамна. Некој друг ќе сподели inspirational quote од профил со 20 милиони следбеници, без да провери дали навистина тоа го рекол Ајнштајн.

Информацијата ја имаме, но не ја проверуваме. Го имаме одговорот, но не го продлабочуваме. Имаме информации, но немаме филтер. Имаме брзина, но губиме длабочина. Станавме шампиони во консумирање, а аматери во процесирање.

Ние сме генерација која знае многу малку за многу нешта. Генерација што мисли дека е паметна… затоа што брзо може да провери на Google. Генерација што живее во допамински циклус на „не ми е доволно интересно → next → next → next.“

Оваа постојана потрага по ново, по „повозбудливо“, нè остави уморни. Заситени, но гладни. Информирани, но збунети.

Некој ќе каже: „ама ние сме најтолерантни, најотворени, најсвесни за светот.“

Точно. Сме. Ама исто така сме и најанксиозни, најдепресивни, и најнесигурни за својата иднина.

Имаме потенцијал за светска промена, но често немаме енергија ни да смениме одговор на прашање на тест. Нè гуши вишокот избори, вишокот информации, вишокот очекувања.

Па… што значи интелигенција денес?
Дали е способноста да најдеш одговор? Или способноста да поставиш вистинско прашање?

Дали е знаење да имаш факти? Или знаење е да знаеш што да направиш со нив?

Можеби интелигенцијата на нашата генерација не лежи во тоа што знаеме, туку што избираме да научиме. Не во тоа што зборуваме, туку што одлучуваме да слушнеме.

Можеби не сме најпаметни, ниту најизгубени. Можеби сме само… првите што се доволно свесни за сопствената контрадикторност. И токму таму лежи нашата сила. Во свеста дека никој денес не знае сè, никој не е непогрешлив, и сите учиме – на тежок начин.

И знаете што? Тоа е доволно. Барем за сега.

Ако македонскиот јазик се развиваше денес
(Аудио) Медиумите денес: Не е важно кој зборува – важно е кој има повеќе лајкови