ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
07.03.2026
(Аудио) Мојот Став: Осми март со црна лента

Јас сум Даница, а ова е мојот став: 

Годинава Осми март нека биде со црна лента.
По сè што се случува, лицемерно е да зборуваме за почит кон жената додека реалноста стои пред нас.


Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Зад честитките и букетите има приказни што не завршуваат со насмевка. Има домови во кои празникот не носи радост, туку тишина. Има мајки што палат свеќи за ќерките што требало денес да ги прегрнат.

Низата трагедии што им се случуваат на жените поради семејно насилство открива сурова вистина: општеството реагира дури кога веќе е предоцна.

Семејното насилство не е „семејна работа“. Тоа е страв што живее во сопствениот дом. Страв што се крие зад затворени врати и премногу често останува невидлив за сите други.

Колку жени молчеле со години? А кога конечно проговориле, колку институции навистина слушнале?

Реакцијата најчесто доаѓа предоцна, кога животот веќе е изгубен, а насловите стануваат сензација. Потоа следуваат соопштенија, жалење и ветувања за истраги. Зборови и само зборови.

Последниве години жените сè почесто стануваат бројки, иако се нечии ќерки, мајки и сестри, нечии светови.

И токму затоа Осми март за многумина не е ден за славење. Тешко е да подариш букет кога знаеш дека некаде некоја жена вечерва ќе заспие со страв од чекорите зад вратата.

Празникот станува парадокс. Додека едни наздравуваат по ресторани, други се борат со трауми. Додека говорите се полни со фрази за рамноправност, реалноста покажува дека најопасното место за една жена понекогаш е сопствениот дом.

Затоа можеби годинава, наместо само ружи, треба да носиме и црна лента како знак на жал, солидарност и протест против рамнодушноста.

Вистинската почит кон жената не се покажува со подарок што ќе овене за два дена. Таа се покажува со систем што нема да дозволи ниту една жена да живее во страв.

Осми март треба да биде ден кога жените се чувствуваат безбедни, а не само прославени. Во спротивно, ружите се само украс врз една болна вистина.

А ниту еден празник нема вистинска смисла ако зад него стои страв.

(Аудио) Мојот Став: Колку чини еден редок живот?
(Аудио) Мојот Став: Митот наречен социјална правда